МакедонијаНајново

Финансиска полиција потврди: Уапсени 12 лица во истрагата за ФФМ, штетата се проценува на над 180 милиони денари

Управата за финансиска полиција соопшти дека во координација со Министерството за внатрешни работи и под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска спровела обемна акција на повеќе локации во Скопје, поврзана со работењето на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Во рамки на акцијата биле извршени претреси во домови, деловни простории и кај повеќе лица, а приведени се 12 лица. Дополнително, пет лица во моментов се недостапни за органите на прогонот.

Според Финансиската полиција, истрагата опфаќа двајца поранешни претседатели на ФФМ, раководителката на Одделението за финансии и сметководство, раководител на Одделот за судии и судење, како и 14 управители, сопственици и овластени лица во повеќе правни субјекти. Осомничени се и осум правни лица.

На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Според обезбедените докази, првоосомничениот, во периодот од 2015 до 2018 година, заедно со раководителката на финансискиот сектор, наводно присвоил средства доверени во службата во износ од 127,4 милиони денари.

Второосомничениот, кој исто така бил претседател на ФФМ, во периодот од јули 2018 до октомври 2019 година, според истрагата, присвоил дополнителни 53,3 милиони денари.

„Постапувајќи спротивно на Статутот на ФФМ и интерните акти на Федерацијата, тие овозможиле исплата на парични средства без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите“, соопшти Финансиската полиција.

Според истрагата, преку вкупно 728 налози за исплата биле реализирани трансакции кон повеќе правни лица врз основа на фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки.

Со овие дејствија, како што се наведува, на Фудбалската федерација на Македонија ѝ била нанесена штета од вкупно 180.802.365 денари, додека дел од правните лица се стекнале со противправна имотна корист.

Во рамки на денешната акција биле обезбедени дополнителни докази и документација, запленети се парични средства, а одземени се и електронски уреди кои ќе бидат предмет на понатамошно вештачење.

Истрагата продолжува под надзор на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons