Финансиската полиција се жали на извршениот претрес во нејзините простории

Управата за финансиска полиција информира дека до јавниот обвинител поднела претставка за претресот што истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал минатата недела го извршиле во просториите на институцијата.

Претресот на 18 јули беше по наредба издадена од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје, врз основа на претходно доставено барање од Обвинителството.

Според Управата за финансиска полиција, на истражителите од ОЈО за гонење на организиран криминал на 18 јули им бил дозволен непречен пристап во просториите на Управата, иако содржината на наредбата, како што велат од таму, не ги исполнувала формалните и материјалните-суштински основи за да биде издадена. Наредбата била „воопштена, нејасна и остава простор за слободно толкување“. Претресот бил апсолутно непотребен и секој побаран документ би бил навремено обезбеден на увид.

– Видно од наредбата воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водел подносителот на барањето за наредба за претрес, а воедно и судијата кој што таквата наредба ја издал. Наведеното упатува на тоа дека при издавањето на наредбата, од страна на судијата на претходна постапка запазена е само формата, но не и суштината за да се издаде наредба за примена на ваква инвазивна мерка, каква што е претресот, се наведува во соопштението од Управата.

Од таму додаваат дека со наведените дејствија е нанесена голема штета на угледот на институцијата, на сите нејзини вработени и на угледот и интегритетот на нејзиниот директор, како и „намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем и рушење на темелите на една правна држава“.

„Според наредбата за претрес, претресот се спроведува „поради постоење на основано сомнение дека е сторено кривично дело…“. Согласно член 21 точка 15 од Законот за кривична постапка, „основано сомневање е повисок степен на сомневање заснован врз прибавените докази кои упатуваат на заклучок дека определено лице сторило кривично дело “, а од друга страна јавноста е сведок на изјавите на шефицата на ОЈО ГОКК објавени во медиумите во кои самата изјавува дека нема осомничени лица, односно дека „..,чекаме да видиме дали има нешто основано во пријавата“, се посочува во соопштението.

Токму поради суштествените недостатоци на наредбата за претрес, начинот на постапувањето при спроведување на истата, низата недоследности, нелогичности, излегувањето надвор од рамките на законската пракса како и неоснованоста за примена на мерката претрес, кои упатуваат на прилично самоволие во постапувањето на ОЈО ГОКК, од страна на Управата за финансиска полиција до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија поднесена е претставка, согласно своите законски надлежности да го испита постапувањето на наведеното обвинителство во конкретниот случај“, информираат од Управата за финансиска полиција. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons