Финансиската полиција поднесе кривична пријава за даночно затајување тешко над 12,6 милиони денари
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против две физички лица и едно правно лице, поради сомнение за даночно затајување со кое, според истрагата, Буџетот на државата е оштетен за повеќе од 12,6 милиони денари.
Според соопштението, првопријавениот Н.О., државјанин на Турција и реален сопственик и управител на компанијата во периодот од 2016 до 2021 година, по поднесувањето на последната завршна сметка, во која била прикажана нето-загуба од 834.571 денар, ја променил сопственичката и управувачката структура на фирмата. Како нов сопственик и управител бил евидентиран второпријавениот Е.М.
Финансиската полиција наведува дека за деловните години 2022, 2023, 2024 и 2025 не биле изготвени и поднесени завршни сметки. Во тој период, според истрагата, била неосновано присвоена трговска стока во вредност од 32.054.759 денари.
Дополнително, не биле пресметани, пријавени и уплатени обврски за данок на додадена вредност во износ од 5.769.856 денари, како и данок на личен доход од 3.561.283 денари.
Истрагата утврдила и дека не биле отпишани ниту евидентирани како приходи застарени краткорочни обврски кон добавувачи, постари од три години, во вкупен износ од 32.847.325 денари. Поради тоа, не бил пресметан и платен ниту данок на добивка во износ од 3.284.732 денари.



