Учениците од Карпош кои имаат салмонела се во добра состојба, нема хоспитализирани

Здравствената состојба на сите 12 деца кои имаат салмонела од училиштата во Карпош во Скопје, се подобрува од ден во ден и ниедно од нив не е во болница, изјави за „Слободен печат“ доктор Лулзиме Бајрами, раководителка на одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје Скопје.

Вкупно 12 деца имаат салмонела за која не е уште познато ниту утврдено која храна била причинител.

-Ја следиме здравствената состојба на сите 12 деца. Некои се со потешка, некои со полесна клиничка слика, но главно е дека нема хоспитализирани и сите се дома. Нивната здравствена состојба се подобрува од ден на ден. На терен се излезени претставници на Центарот за јавно здравје заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство. Кујните во основните училишта уште се затворени затоа што го испитуваме причинителот односно изворот на контаминација. Денеска ЦЈЗ е на терен и во други училишта каде се складира храната, каде што има магацини и ќе се земаат мостри. Досега се земени мостри од вработени, од површини, од храна и ќе бидат предмет на испитување, изјави за „Слободен печат“ доктор Бајрами.

Инаку на почетокот на неделата во три основни училишта во Карпош – „Владо Тасевски“, „Јан Амос Коменски“ и „Војдан Чернодрински“ беа регистрирани вкупно 7 деца кои добиле салмонела од непознат причинител. Во текот на неделата бројот на деца порасна на 12, откако инфекција со салмонела беше пронајдена и кај ученици од ОУ „Димо Хаџи Димов“. Резултатите се потврдени и клинички и лабораториски.  Во „Војдан Чернодрински“ има 4 потврдени случаи, во „Владо Тасевски“ 4 случаи, а во „Јан Амос Коменски“ и во „Димо Хаџи Димов“ по едно дете.

Доктор Бајрами апелира родителите да ги носат децата на лекар и да не чекаат дома да ги надминат симптомите.

-Ако не ги носат на лекар, не можеме да добиеме пријави. Понатаму од земените примероци односно мостри, ќе се утврди изворот, додава докторката.

Училишните кујни во овие основни училишта остануваат затворени и се предмет на инспекција и од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Последниот ден кога тие работеле, односно минатиот петок, на дневното мени имало мекици без јајца за појадок и спанаќ без месо со кисело млеко за ручек.

Фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во Карпош, самата побарала вонреден преглед. Откако се затворија кујните, децата носат храна подготвена дома. Државниот здравствен и санитарен инспекторат спроведе вонреден инспекциски надзор со времено затворање на магацинот на фирмата што врши снабдување со храна во основните училишта во Карпош.

Салмонела е бактерија која предизвикува болест Салмонелоза. Симптомите на болеста се повраќање, пролив, гадење, грчеви во стомакот, треска и главоболка. Симптомите обично се јавуваат 6 до 72 часа после заразувањето и траат меѓу 4 и 7 дена, но некогаш и многу подолго.

Салмонелата се пренесува главно со јадење храна која не била доволно термички обработена, односно недоволно зготвена, направена од заразени животни (месо, пилешко, јајца и производи направени од нив) или од чоколади, бомбони и други кондиторски производи кои се чувани на несоодветна температура. Салмонелата се уништува со целосно готвење на храната и нејзина добра термичка обработка.

Според АХВ, старите лица, доенчињата и оние со оштетен имунолошки систем, може да имаат потешка форма на болеста. Кај нив инфекцијата може да предизвика тешки компликации и затоа мора да се третира соодветно.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons