МакедонијаНајново

Управител на станица за технички преглед осомничен за проневера на над 41 милион денари од јавни давачки

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против управител на друштво за вршење технички прегледи на моторни возила, поради сомнение за продолжено кривично дело „Проневера во службата“.

Според пријавата, лицето со иницијали М.Н., во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година, противправно присвоило парични средства што биле наплатени од физички и правни лица при регистрација на моторни возила, а биле наменети за различни институции и субјекти по основ на јавни давачки.

Од Финансиската полиција информираат дека на овој начин на правниот субјект му била прибавена противправна имотна корист во износ од 41.518.042 денари, на штета на општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Дополнително, осомничениот во текот на 2022 и 2024 година, со цел прикривање на трагите, извршил противправен отпис на јавни давачки во вредност од 17.090.623 денари. Со тоа, во сметководствената евиденција го намалил долгот кон наведените субјекти и прикажал помал износ на обврски.

Случајот е доставен до Основното јавно обвинителство Тетово за понатамошно постапување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons