Трикафтата го менува животот на пациентите кои добија терапија

Пациент со цистична фиброза кој бил на кислородна поддршка, по примање на трикафта самостојно дише. Веќе нема потреба од цевчето за кислород. Тој е еден од шестмината кои во петокот на Клиниката за детски болести почнаа со примање на новата модулаторна терапија која ја чекаа со години. Ефектите се брзи, очекувањата задоволителни, вели директорката на Детска.

– Ефектите веќе ги видовме наредниот ден кога пациентите почнаа обилно да искашлуваат и да ги ослободуваат дишните патишта од вишокот на секрет. Кондиционо се добри, еден од пациентите кој беше на кислород веќе нема потреба од кислородна поддршка. Белодробната функција која сами ја следат на спорометри се подобрува, вели проф. д-р Стојка Нацева Фуштиќ, директор на Клиника за детски болести.

Шесте пациенти меѓу кои и едно дете ќе бидат на Детска и оваа недела под лекарски надзор а потоа лекот ќе го земаат во домашни услови. Денеска на Пулмологија трикафта прими и најтешкиот пациент со цистична фиброза и од утре пулмолозите ќе знаат како делува. 

За останатите со оваа дијагноза надлежните ќе можат да обезбедат терапија по гласање на законските измени кои во четврток ќе се најдат пред пратениците.

– Се надевам а и интенцијата е овие законски измени да бидат што побргу усвоени. Станува збор за измени на два закони – законот за лекови и законот за здравствено осигурување. Што побргу бидат усвоени толку побргу пациентите ќе имаат побрз и поедноставен пристап до лековите, вели проф. д-р Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравство.

Откако здравствените власти кажаа дека со предвидениот буџет заштедиле и можат да обезбедат трикафта за уште четворица пациенти, за тоа одобрување чекаат од Фондот за здравствено осигурување.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons