Свет

Трамп се откажа од најавената такса за бродовите во Ормускиот Теснец, но американската блокада продолжува

Американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од планот да воведе 20-процентна такса за товарните бродови што пловат низ Ормускиот Теснец, само еден ден откако ја најави мерката.

Трамп на социјалните мрежи соопшти дека одлуката ја донел „врз основа на мошне продуктивни разговори со лидерите од Блискиот Исток“, пренесе АП.

Тој наведе дека земјите од Заливот ќе склучат трговски и инвестициски договори со САД и дека инвестициите ќе бидат „огромни“, без да прецизира дали станува збор за нови обврски или за веќе најавените инвестиции по неговата посета на регионот минатата година.

И покрај повлекувањето на планот за наплата на такса, американската војска соопшти дека во вторник во 16 часот по источноамериканско време ќе ја продолжи блокадата на иранските пристаништа во Ормускиот Теснец, како што претходно најави Трамп.

Трамп: Наместо такса за Ормускиот Теснец, земјите од Заливот ќе инвестираат во САД

Трамп соопшти дека 20-процентната такса за бродовите што пловат низ Ормускиот Теснец ќе биде заменета со трговски и инвестициски договори со земјите од Персискиот Залив, пренесе Ројтерс.

„Врз основа на мошне продуктивните разговори со лидерите од Блискиот Исток, решив 20-процентната американска такса за надомест да ја заменам со трговски и инвестициски договори што различните земји од Заливот ќе ги склучат со САД“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут сошл.

Тој додаде дека новите инвестиции ќе создадат „дополнителни милиони“ работни места во САД.

Во исто време, Трамп соопшти дека американската блокада ќе биде повторно воведена, но ќе важи само за бродовите што пловат кон или од иранските пристаништа, како и за бродови што превезуваат каков било товар поврзан со Иран.

Во меѓувреме, САД извршија нови напади врз Иран, продолжувајќи ја ескалацијата околу контролата врз теснецот, низ кој во мирнодопски услови минува околу една петтина од светската трговија со сурова нафта и природен гас.

Иран возврати со напади врз американските сојузници на Блискиот Исток.

Со тоа практично пропадна договорот за прекин на конфликтот и повторно отворање на клучниот поморски премин, додека регионот повторно се соочува со опасност од поширока војна.

Според двајца регионални претставници, посредниците продолжуваат да се обидуваат да ги вратат САД и Иран на преговарачка маса.

Во Вашингтон, Трамп треба да го прими новиот ирачки премиер Али ал Заиди, чија кандидатура претходно јавно ја поддржа. Се очекува Иран да биде една од главните теми на разговорите, бидејќи врз Ирак се врши притисок да ги разоружа проиранските милиции што дејствуваат во земјата, а дел од нив претходно извршија напади врз американски воени бази и дипломатски објекти.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons