Тензиите на Косово го вклучија алармот во регионот, Македонија на штрек

Домашните и регионалните безбедносни аналитичари сепак истакнуваат дека ризик од конфлик е низок и покрај тензиите на адреса Приштина и Белград.

Распламтувањето на старо-новите безбедносни жаишта во нашето соседство никако да сопре.
Во непосредната близина на Македонија на северот на Косово, повторно се актуелизираат т.н. топло-студени бранови на насилство и затишја по најновиот инцидент и вчерашната најава за воведување на „мерките за реципроцитет“ од страна на Приштина, односно започнување на непризнавање на српските лични карти и регистарски таблички за влез на Србите на премините Брњак и Јариње.

Иако состојбата денес полека се смирува а барикадите кои се поставија на регионалните патишта од страна на Србите во северот на Косово како резултат на незадовоство по најавената мерка од Приштина, тензиите сепак се уште се чустуваат, јавуваат регионалните медиуми.

На прашањето какви рефлексии може да предизвикаат ваквите случувања и кои би биле последиците врз Македонија побаравме одговори од домашни и регионални безбедносни аналитичари.

Безбедносните експерти велат дека во овој момент сѐ уште е рано Македонија да го свика советот на безбедност за состојбите во Косово. Тие додаваат дека сега е вистинско време што поитно да се изврши превентивна разузнавачка и воена процена на настаните и да се измери нивниот потенцијал дали состојбите од регионот може да се прелеат и во нашата држава.

Тензиите на Косово секогаш го вклучуваат алармот во регионот

Александар Радиќ, воен експерт од Белград за „Слободен печат“ ги коментира последните случувања во северно Косово и при тоа објаснува дека е создадената атмосфера која вчера и денес е актуелна прераснува во „рутинска медиумска тензија“ на претседателот Александар Вучиќ и истата нема регионална дестабилизирачка моќ.

Фото, принтскин: Александар Радиќ, воен експерт од Белград

– Ова што го гледаме на екраните и во медиумите е рутинска летна престава на Вучиќ за која на неколку пати до сега бевме сведоци. Тоа е една уиграна врста на „политичко ријалити“ која има единствена цел а таа е преку дигање на тензии надвор, да се создаде внатрешна поддршка на власта во Србија – посочува Радиќ.

Тој додава дека случувањата во северно Косово станаа шаблон на властите во Белград и дека тие немаат потенцијал да се прелеат во регионот и во Македонија. Воениот аналитичар коментирајќи ги тензиите со блокадите од српски агол објаснува дека Белград во овој момент спроведува политика блиска на демагогија и ништо повеќе.

– Овие тензии се средство за кревање на политичките поени внатре во земјата. Сакам да истакнам дека не постои никаков безбедносен ризик случувањата од Косово да добијат поширок меѓународен контекст. Македонија како земја членка на НАТО, нема реална закана за префрлање на безбедносната состојба и покрај близината со случувањата. Од она што можам да оценам во овој момент, косовското прашање може единствено да се прелее во БиХ, бидејќи тензиите кои таму владеат лесно може да се пресликаат од овие кои ги гледаме денес во Косово – заклучува Радиќ.

Македонија да изврши превентивна разузнавачка и воена процена

Воено политичкиот аналитичар Милан Стефановски во својот осврт на случувањата вели дека по неодамнешните инциденти на северот од Косово во оваа фаза Македонија треба да ја подигне предистражната дејност на безбедносниот апарат и на таков начин да се следи развојот на настаните близу нашите граници. Според Стефановски најголем адут на Македонија со кој таа може да „спие мирно“ во овие моменти е нашето членство во Алијансата и посочува дека последните настани се од локален карактер меѓу две земји и тие во моментов немаат потенцијал да се прошират на регионот.

slobodenpecat.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons