Судот во Лерин за Центарот за македонски јазик: Потврдувањето на свеста на малцинствата е важно за демократијата 

Судот во Лерин вчера донесе првостепена одлука со која ги одбива барањата за поништување на регистрацијата на Центарот за македонски јазик. Во дел од образожението на одлуката Судот зборува за важноста на здруженијата кои имаат за цел потрага по националниот идентитет и потврдување на свеста на малцинствата како важен сегмент од демократијата.

-Здруженијата формирани за цели како на пример за извршување на различни општествени или економски цели, заштитата на културното или интелектуалното наследство, потрагата по национален идентитет или потврдувањето на свеста на малцинствата, се важни за непречено функционирање на демократијата. Начинот на кој соодветното национално законодавство ја воспоставува оваа слобода и нејзината примена во пракса од страна на властите ја открива состојбата на демократијата во соодветната земја, вели грчкиот Суд.

Центарот за македонски јазик во Грција официјално беше регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција во ноември минатата година. Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година, додека одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.

Последните административни работи поврзани со регистрацијата беа завршени во ноември, при што судот официјално го одобри и статутот на организацијата. Судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик – при тоа користејќи го и македонското кирилично писмо.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons