Струјниот удар веќе гаси компании, работници се испраќаат на принуден одмор 

„Еуроникел” и рудниците „Бучим” и „Боров дол” се само мал дел од компаниите кои поради прескапата струја во изминативе месеци го прекинаа редовното производство. Некои со надеж дека овој период ќе го премостат и ќе го искористат за редовен ремонт на машините и освежување на производствениот процес со помодерни средсетва, други пак со страв дека е можно да стават клуч на врата. Принудните одмори на работниците сѐ повеќе стануваат реалност. Сите ги чекаат владините мерки најавени за крајот на месецов кои треба да значат поддршка за стопанството. 

Од „Еуроникел” за МКД.мк велат „струјниот удар” сериозно го потресе производството имајќи предвид дека станува збор за производствен капацитет кој во земјава е и најголемиот поединечен потрошувач на електрична енергијa. Од 1 јули овој гигант запре со производство”

„Производството на никел е енергетски-интензивен процес, а целата електрична енергија се набавува по берзански цени. Растот на цената на електричната енергија започна уште лани во октомври, до кога струјата се набавуваше по цена од 50 до 80 евра за магаватчас (Мвч), а од кога ја надмина границата од 200 евра па стаса и до 300 евра. Со навремено активирање на заштитни механизми овозможивме опстанок во првата половина од годинава. Меѓутоа применетите мерки се недоволни зашто во втората половина од годинава, цените се искачија на неверојатни 600 и 700 евра, а на моменти беше достигната цена од дури 1.000 евра за Мвч. Од тие причини од први јули 2022година во целост го запревме производството и влеговме во плански ремонт со севкупниот број на вработени”, велат од компанијата.

Нивните очекувања биле дека астрономските цени се неодржливи и дека почнувајќи од овој месец би се случиле пазарни промени во позитивна насока. Но тоа не се случи, па во „Еуроникел”, каде работат над илјада работници, се прибегна кон давање на принудни одмори на вработените како времено решение за да се минимизираат вкупните трошоци.

„Овој месец бројни влади во Европа применија мерки за заштита и опстанок на сопствената индустрија, посочуваат од „Еуроникел” и забележуваат дека во Македонија ваквите мерки се само во најава и дека не се конкретизирани. Со евентуални поволни пазарни промени или соодветни мерки со кои државата би излегла во пресрет на стопанството, што е неопходност за опстанок и на целокупната домашна економија, подготвени сме во најкраток рок повторно да се вратиме во нормално работење. Но за ова е потреба итна и соодветна државна реакција, по моделот и на соседните држави, и на државите од ЕУ”, велат за МКД.мк од компанијата.

Рудниците „Бучим” и „Боров дол” на Денот на рударите 28 август, кога на сите 674 вработени им беа дадени парични награди за вложениот труд, со соопштение објавија дека од 1 септември времено го прекинуваат производството и дека периодот ќе биде искористен за да се отпочне со инвестициско вложување во обновливи извори на енергија, во геолошки истражувања за продолжување на векот на експлоатација на руда, како и за унапредување на целиот систем на производство со две капитални инвестиции:

„Првата инвестиција значи целосна замена на флотомашините со нова опрема, која што е дизајнирана и изработена од светски реномираната компанија Метсо Оутотек, со што рудникот Бучим ќе има најсофистицирана опрема за обработка на бакарна руда и производство на бакарен концентрат. Проектот за модернизација започна да се реализира уште од септември 2021 година, притоа, во наредниот период се очекува испораката на опремата. Втората инвестиција значи изградба на фотонапонска централа за производство на електрична енергија, со што ќе се постигне намалување на зависноста од цената на електричната енергија на отворениот пазар”, велат од рудниците и напоменуваат дека во рамките на овој проект работите всушност започнале уште во јануари.

Од „Бучим“ и „Боров дол“ нагласуваат дека во текот на привремениот прекин со производство вработените ќе бидат платени согласно законските прописи. Дел од вработените ќе бидат задолжени за тековното одржување на опремата, а во текот на инвестициските зафати, вработените ќе бидат дополнително ангажирани зависно од потребата. Инвеститорите и менаџментот на рудниците алармираат дека голем број компании во земјава запираат со производството токму поради високата цена на струјата што продуцира нерентабилност и нестабилност.

Дел од фирмите кои МКД.мк ги контактира не сакаат да се пишува за нив стравувајќи дека тоа можеби ќе влијае негативно на нивниот имиџ, но признаваат дека или го запреле целиот процес или дека тој е редуциран и работат само оние делови од системот кои проиведуваат тоа што и најмногу се продава.

Од Сојузот на стопански комори на Македонија за МКД.мк потврдуваат дека секојдневие станува запирањето на производството во некои фирми кои не можат да го издржат ценовниот удар на струјата. Сепак, оставаат на самите фирми дали тоа ќе ѝ го соопштат на јавноста.

„Сојузот на стопански комори на Македонија во континуитет укажува дека ударот врз реалниот сектор како последица на енергетската криза е многу силен, а без соодветна државна помош голем број деловни субјекти нема да може да го издржат. Треба да е јасно дека не постои производ или услуга која може да поднесе цена на струја од 600 до 700 евра за Мвч. Како последица на тоа некои компании носат одлука за запирање на деловната активности, бидејќи во спротивно генерираат трошоци кои нема начин да ги покријат, што повторно го носи истиот исход. Онаму пак каде постои можност се врши преструктуирање на производните процеси со цел да се работи во часовите кога има струја по пониска тарифа”, информираат од комората.

Оттаму велат дека до Владата доставиле пакет од 14 предлог мерки и решенија кои произлегуваат од потребите на реалниот сектор и за кои сметаат дека може да ги намалат штетните последици.

„Дел од тој пакет на мерки е и барањето за ограничување на цената на струјата, обезбедување на дополнителни количини на енергија од ЕЛЕМ за стопанството, олеснување на процедурите за приклучување на фотоволтаични електрани, укинување на ДДВ за фотоволтаици и високо ефикасна опрема, бесплатен приклучок на централно греење во град Скопје…”, велат од комората за МКД.мк.

И Стопанската комора на Северна Македонија во изминатите месеци постојано ја алармира Владата да преземе мерки во поглед на снабдувањето со струја на компаниите со цел да не запре нивното производство што пак ќе има негативно влијание врз целата домашна економија и државниот буџет. Претседателот на оваа комора Бранко Азески повеќепати иницираше средби со државниот врв на оваа тема.

Летово тој на средба во Владата му нагласил на премиерот дека ако државата не му помогне на бизнисот кој е соочен со енормни сметки за струја, дека не само што ќе има намалување на производството, туку дека земјава ќе се соочи со затворања на капацитетите и отпуштања на вработени.

Пред недела дена тој имаше средба и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по што изјави деке тоа што и самиот партиски лидер го кажал, е нешто на што комората одамна повикува – обединување на сите во државата, вклучувајќи ги и партиите, околу поддршката на државата на бизнисот.

Неколку дена потоа Азески, придружуван од претставници на десет најголеми компании потрошувачи на електрична енергија во земјава имаше средба со министерот за економија Крешник Бектеши. Добил уверување дека нов пакет мерки за бизнисот ќе бидат објавени на 28 септември.

„Мерките веќе се финализираат, а нивна цел е задржување на конкурентноста на фирмите и на работните места. Соработката со Владата во последните месеци е на највисоко ниво, а суштината е да се помогне таму каде е тоа најпотребно. Ова е шанса тој нов консензус да се покаже на дело. Исто така, значајна е констатацијата дека мора уште денеска да се работи на подготовките за надминување на енергетската криза следната година, затоа што е јасно дека таа ќе потрае и натаму“, вели Азески.

Инаку, според тоа што е објавено во странски медиуми, а се однесува на земји од нашето опкружување, Грција обезбедува субвенционирана цена за својата  индустрија која варира на месечно ниво од 170 до 220 евра за Мвч. Бугарија обезбедува субвенционирана цена по цена од 128 евра за Мвч, Србија – 95евра, Косово 70евра, БиХ 60 евра, додека Романија има обезбедено државна помош за струјатаа во износ од 8 милјарди евра.

Во некои земји се изготвуваат мерки за оданочување на оние компании што профитираат токму од енергетската криза, а во Грција се веќе во примена.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons