Струјата ќе поскапи за оние кои ја користат за луксуз, загреваат базени и поголеми простории 

Нова повисока цена на струјата ќе има, но не за сите категории потрошувачи, потврди денес премиерот Димитар Ковачевски. Оние кои ја користат струјата за основните потреби кои ги има домаќинството нема да имаат ценовен шок, за разлика од оние кои, како што рече премиерот, ја трошат за луксузирање.

„Првиот и вториот блок опфаќаат над 90 %, некаде до 98 % од домаќинствата во државата и за нив нема да има никаква промена на цената на електрична енергија, како што и немаше. Ние ценовен шок не дозволивме за граѓаните. Третиот и четвртиот блок се помал број на домаќинства кои имаат поголема потрошувачка на електрична енергија. Во четвртиот блок се домаќинства кои што, согласно своите приходи, согласно своите можности, загреваат поголеми простории, загреваат базени и така натаму. Секој согласно своите можности може тоа да го прави меѓутоа ќе плати и поскапа цена. Ние ја субвенционираме до 90 % електричната енергија во државата за да нема ценовен шок. Оние кои ја користат електричната енергија за основните потреби кои ги има едно домаќинство нема да имаат ценовен шок. Оние кои имаат можност да користат електрична енергија за полуксузни намени, тогаш и ќе плаќаат повеќе“, рече премиерот Ковачевски по денешната презентација на новата апаратура за генетика во Македонската академија на науките и уметностите.

Премиерот со денови се обидува да ја дообјасни неговата изјава дека со враќањето на евтината дневна тарифа на струјата во периодот од 13 до 15 часот, се заштедува 1000 денари месечно. Денес, одговарајќи на новинарски прашања кажа дека пресметката ја направиле, меѓу другото, и врз основа на претпоставена зголемена потрошувачка поради враќањето на дневната евтина тарифа.

„Се пресметува врз основа на пресметка која го определува просечното трошење на електрична енергија во текот на 24 часа и врз основа на претпоставено зголемување на потрошувачката од 13 до 15 часот, на нешто што се правело подоцна или порано, со оглед на тоа што голем број домаќинства во државата имаат пензионери меѓутоа имаат и лица кои се дома и имаат активности кои побаруваат поголема потрошувачка на енергија како што е готвење, перење и така натаму, кои ги извршуваат во тие два часа. Такви искуства сме имале и во минатото“, објасни премиерот Ковачевски.

Сите останати забелешки за формирањето на цената на струјата, новата давачка за пристап до мрежата и структурата која влијае на формирање на цената премиерот ги пренасочи во Регулаторната комисија за енергетика. Од таму веќе потврдија дека зголемување на цената на струјата ќе има, но ќе се бараат креативни решенија со кои ќе се амортизира ударот врз граѓаните. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons