КРАТКО ЗАТОПЛУВАЊЕ НА ВРЕМЕТО: Потоа ќе следува студен бран 

По краткотрајното стабилизирање и затоплување на времето, веќе од четврток навечер, па за време на викендот кој доаѓа, кај нас во Македонија следува нова голема промена на времето и поинтензивни врнежи од дожд, и тоа поради продор на голем влажен воздушен бран од Атлантикот.

„Во исто време од север ќе се спушта многу студена воздушна маса и ќе започне да дува засилен ветер од северен правец. Токму поради ова во петок на планините и на скијачките центри врнежите од дожд брзо ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка. Снежната граница во петок и во сабота ќе се спушти и под 1.000 метри надморска височина. Повремени врнежи од снег понекаде ќе има и во градовите. За време на викендот врнежите ќе слабеат и ќе бидат локални, но ќе биде многу студено и наутро температурите некаде ќе се спуштаат и под -10 степени. Максималните дневни температури на воздухот за време на викендот на повеќе места ќе бидат околу нулата, понекаде тие ќе останат и негативни. Со ова, се очекува и силен мраз и поледица на патиштата, па така на возачите со време ги советуваме да се подготват и да бидат крајно претпазливи, особено ако се движат према планинските превои и скијачките центри“, вели метеорологот Славчо Попоски.

Во Скопје и околината со овој бран врнежи од снег ќе има особено на околните планини и во повисоките предели од котлината, но не се исклучува по некоја снегулка локално да провее и во котлината. Сето ова ќе биде проследено со засилен ветер од северен правец.

Поради наглите промени на времето кој повторно се очекуваат кај нас до крајот на оваа недела, кај метеопатите ќе се појават позначителни здравствени проблеми, што значи дека тие ќе треба да внимаваат на себе и да побараат совет од својот матичен лекар.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons