Социјалните служби и ги одзедоа децата на мајката чие четиригодишно дете со тешки повреди беше донесено на Детска клиника 

Трите малолетни деца од семејството на четиригодишното девојче кое петти ден е сместено на клиниките Мајка Тереза добиле старател по службена должност, потврдува Министерството за труд и осцијална политика. По пријавувањето на случајот од општата болница во Струмица, тим од Центарот за социјални работи излегол на терен при што утврдиле дека децата привремено се згрижени кај дедото, а отпочната е процедура за сместување во згрижувачко семејство.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека семејството не е евидентирано во систем, бидејќи привремено престојувале во Струмица и немале лични документи, па не остваруваат ниту права од социјална и детска заштита.  Според информациите од МТСП, во текот на наредните работни денови случајот ќе продолжи да се следи и ќе се преземат законските мерки за заштита на децата. Предвидено е и работа со мајката со стручен тим во однос на зајакнување на капацитетите во делот на родителство и грижа за децата.  Во тој период децата ќе бидат сместени во згрижувачко семејство.

Инаку, четвртото дете, четиригодишно девојче првично е примено во струмичката болница со инфицирани рани и скршени ребра. Поради сериозноста на повредите, истиот ден е префрлено на Детската клиника во Скопје.

Мајката на девојчето пријавила дека детето е повредено при напад на куче, но, истражните органи се на терен и ќе се проверува дали тоа е вистинската причина. Случајот го води основното јавно обвинителство во Струмица.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons