Скопје поевтин за живеење од Белград, Будва и Тирана, поскап од Тузла, Ниш и Приштина 

Потребно е секој жител да посади дури 32 нови дрва за да се обезбеди доволно кислород кој ќе го покрие загадувањето во Скопје, информира сајтот Нумбео. Скопје е за 63,3 проценти поевтино од Њујорк (без кирија), а киријата во Скопје е во просек за 92,2 проценти пониска отколку во Њујорк

Скопје е на 425 место од вкупно 551 градови во светот според трошоците за живот, а меѓу 240 европски градови, главниот град на Македонија е на 223 место, објави сајтот Нумбео, сумирајќи кои се најскапите и најевтините места за живеење. По нас се Тузла на 227, Ниш на 232 и Приштина на 234 место.

При рангирањето на градовите, предвид се земени цените во рестораните и супермаркетите, јавниот превоз, комуналните услуги, здравствената заштита, киријата и слично. Утврдено е дека во Западен Балкан најскап град за живеење е главниот град на Србија, Белград (186 место во Европа), а веднаш по него е Будва (188 место во Европа). Зад Белград е Тирана (194 место во Европа), главниот град на Албанија.

Главниот град на Босна и Херцеговина е на 206. место во Европа и е поскап за живеење од Подгорица, Нови Сад, Скопје, Бања Лука… Во Хрватска најскапо е да се живее во Задар (141 место во Европа), потоа Дубровник и Загреб кој е на 150 место според трошоците за живот во градовите во Европа.

На врвот на листата на најскапи во Европа за 2023 година е Базел, а потоа следат Цирих, Лозана, Цуг и Берн, сите во Швајцарија. Другите градови во првите десет најскапи се наоѓаат во Норвешка: Осло, Ставангер, Берген, Трондхајм и Тромсо. Близу до дното на листата се градовите во Украина зафатена од војна, а Харков е на последното место. Други евтини места за живеење се украинските градови Лавов, Одеса, Днипро и Киев.

Според Нумбео, проценетите месечни трошоци за четиричлено семејство се 104.700,7 денари без кирија, а според истата шема, проценетите месечни трошоци за едно лице се 30.455,1 денари. Скопје е за 63,3 проценти поевтино од Њујорк (без кирија, а киријата во Скопје е во просек за 92,2 проценти пониска отколку во Њујорк.

Еден од најгорливите проблеми за Скопјани е загадувањето и според анкетираните дури 83, 1 проценти се изјасниле дека тоа е многу високо. Тоа и не е чудно ако се знае дека дури 45 отсто од граѓаните на главниот град на државава како единствено транспортно средство ги користат автомобилите. Проценката на Нумбео е дека патувајќи до работа или до школо, граѓаните годишно продуцираат дури 678,9 килограми ЦО2.

-Потребно е секој жител да посади дури 32 нови дрва за да се обезбеди доволно кислород кој ќе го покрие загадувањето во Скопје – информира сајтот.

Што се однесува до здравствениот систем, тој е со индекс од 54,8 проценти, но интересно е дека во оценката за безбедноста и криминалот во Скопје, граѓаните како најголем го истакнале проблемот со митото и корупцијата со дури 86,5 проценти во однос на сите други криминални активности, како што се кражбите на автомобили, провалите по куќи, психолошките напади, вооружените кражби и вандализмот.

-Во Скопје е безбедно да се движите преку ден и за тоа има дури 77,1 отсто позитивни коментари, а нешто помалку безбедни се чувствуваат граѓаните кога се движат во ноќно време (52, 3 отсто од анкетираните се изјасниле позитивно) – стои во истражувањето на Нумбео.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons