Синдикалната кошница во мај зголемена за речиси три илјади денари во однос на јануари 

Парите ја губат вредноста.

Дури и граѓаните на кои им се зголемени платите не чуствуваат подобрување на животниот стандард, – ова е ставот на дел од експертите откако статистика измери рекордна инфлација од 12% за мај, во време кога на сила беа и мерките со 0% ДДВ за основните прехранбени производи и ограничени маржи за трговците.

Синдикатите пресметале дека минималната синдикална кошница полека стигнува 39 илјади денари и во споредба со јануари годинава е повисока за 3 илјади денари. Дури една минимална плата од 18 илјади денари минатиот месец одела само за храна и пијалоци.

Според универзитетскиот професор Зоран Ивановски, инфлацијата на терен е многу повисока од статистички пресметаната.

„Реално граѓаните на терен се соочуваат со пораст на цените и поголем од 20%. / Дури и порастот на платите фактички со делувањето на инфлацијата придонесе само за индексација на цените и нивен пораст, така да граѓаните нема да почуствуваат дури ни каде што има пораст на платите, некое значително подобрување на нивниот животен стандард.“ изјави Зоран Ивановски, професор економија.

Според Ивановски, Владата веќе нема можност да интервенира со мерки, бидејќи државната каса е исцрпена, а јавниот долг расте. Борбата со инфлацијата сега ќе ја води Централната банка. Очекува каматните стапки да продолжат да растат .

„Моја претпоставка е дека и во наредниот период можеме да очекуваме дополнителен пораст на основната каматна стапка. Во изминатиот период деловните банки не го следеа овој сигнал, но очекувам во нареден период ќе има пораст на каматни стапки и тоа постепено ќе делува на намалување на количество на пари во оптек, а со тоа и постепен притисок за намалување на инфлацијата. “ истакна Зоран Ивановски, професор економија.

Цените на храната драстично пораснаа откако Владата не ги продолжи мерките за ублажување на ценовниот шок. Производителите веќе подолг период бараат активирање на стоковите резерви за да се спречи понатамошен раст и државна помош бидејќи на голем дел од фирмите им се заканува затворање.

За утре министерот за економија Бектеши најави средба со стопанството на која ќе се дискутира какви мерки би се вовеле. Се чека и ребалансот на буџетот во кој се предвидени нешто повеќе од 70 милиони евра – пари со кои ќе се помагаат единствено ранливите категории граѓани.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons