Секаде се кива и кашла, пазете се грипот зема замав, но има и флурона!
Секојдневно расте бројот на грипосани, во Македонија сезонава се заразиле 3.500 лица
За последните три недели во Македонија од сезонски грип починале шест лица кои биле од повозрасната популација и со хронични заболувања. Болните од инфлуенца се жалат на висока температура, кашлица која трае подолго време, болки во мускулите, омалаксаност, намален апетит и дехидрираност. Лекарите потврдуваат дека во земјава,оваа сезона покрај тридемија и флурона, најмногу заболени има од инфлуенца. Како што објаснува д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести сезоната на грип е во полн ек, пикот се очекува до крајот на јануари, но не се очекува да има епидемија. Дополнителен ризик е што денеска почнува второто полугодие кога учениците повторно ќе седнат во клупите, а со тоа контактите ќе се зголемат.
Грип, ковид и респираторен сенсицијален вирус ги полни амбулантите во сите градови ширум Македонија. Болните се жалат на висока температура, кашлица која трае подолго време, болки во мускулите, омалаксаност, намален апетит и дехидрираност. На удар се болни од сите возрасни групи, но најмногу од грип страда најстарата популација на која дополнително влијае и загадениот воздух. За последните три недели од сезонски грип починале 6 лица кои биле потешко болни, хоспитализирани, но кои што истовремено боледувале и од други хронични заболувања. Регистрирани се и три лица со флурона, кои истовремено боледуваат и од грип и од ковид. Пикот на сезонскиот грип се очекува до крајот на јануари, а дополнителен ризик е што денеска почнува второто полугодие кога учениците повторно ќе седнат во клупите, а со тоа контактите ќе се зголемат. Институтот за јавно здравје за оваа сезона регистрира вкупно 3.500 лица со грип.
Лекарите потврдуваат дека во земјава, но и пошироко во регионот, оваа сезона покрај тридемија и флурона, најмногу заболени има од инфлуенца. Како што објаснува д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести, сезоната на грип е во полн ек, а потврда за тоа се и последните статистики на Институтот за јавно здравје кои покажуваат зголемен број на заразени со инфуенца. Според него, наскоро може да се очекува пикот на грипот, но тоа не значи дека ќе има и епидемија.
-Последните анализи велат дека доминира грипот, а ковидот и респираторниот вирус се во опаѓање. Тестирање на типот на вирусот се врши само кај оние пациенти кои се со сериозни здравствени проблеми и се хоспитализираат. Останатите што амбулантски се третираат, нема потреба од утврдување од кој вирус се инфицирани, бидејќи исти е начинот на лекување.Антибиотици се употребуваат само ако има и бактериска инфекција – дециден е Петличковски.
Тој им порача на родителите на своја рака да не им даваат антибиотици на своите деца.
-Децата задолжително да се носат на преглед кај својот педијатар и тој да одреди дали во нивното лекување ќе вклучи и антибиотска терапија – нагласува д-р Петличковски.
Според него за се справиме со грипот неопходно е околу 80 отсто од населението над 65 години да биде вакцинирано.
-Имунизацијата за заштита од сезонски грип е најсигурната. Годинава се набавени повеќе вакцини споредено со другите години од кои бесплатни се 60.000 и уште 15.000 комерцијални. Според анализите на ИЈЗ останати се околу пет до шест илјади- дополни д-р Петличковски.
Тој како претседател на Комисијата за заразни болести деновиве препорача како превентивна мерка да се воведе носење на маски во болниците, амбулантите и при посета на старските домови. Истовремено КЗБ смета дека треба да се забранат посетите во болниците, како мерка да се заштитат хоспитализираните пациенти.
-Овие препораки ние од Комисијата ги предлагаме веќе два пати. Но нема одговор од Министерството за здравство, тие треба да ги потврдат – вели д-р Петличковски.
Сепак, смета тој дека совеста на граѓаните треба да проработи и самите да согледаат дека не треба да одат на посета кај болните лица и дополнително да ги изложуваат на здравствен ризик. Комисијата, исто така, препорача во училиштата да одржува личната хигиена, а училниците почесто да се проветруваат.
Според д-р педијатар Мирјана Поповска од Клиниката за белодробни заболувања кај децата – „Козле“ овие недели доминантни кај децата од помалата возраст се вирусните, а помалку бактериските инфекции.
-Во моментов кај нас се хоспитализирани 60 дечиња, со инфекции на горните и долните респираторни патишта. Во амбулантите пак доминираат деца од претшколска возраст, до пет години – информира за весникот ВЕЧЕР, д-р Поповска и дополнува дека вирусите се шират по капков пат и може долго да остане во воздухот и на предметите.
Д-р Поповска информира дека во нивната микробиолошка лабораторија, многу малку случаи се детектирани со ковид-19, а од бактериските инфекции во нивната лабораторија изолиран е стептококус пиогенес, стептококус плеумоние и стептококус ауреус.
-Најважно за родителите е да знаат дека вирусните инфекции треба да се лекуваат само симптоматски, а не да се даваат антибиотици, оти јасно е дека тие не лекуваат вирусни инфекции – потенцира д-р Поповска.
Последните неделни податоци на Институтот за јавно здравје покажуваат дека во втората недела од Новата 2024 година, од 7 до 14 јануари, во земјава се пријавени 1.182 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип. Тоа е 15,53 проценти повеќе во споредба со претходната недела.
– Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со втората недела од минатата сезона, е намален за 12,2 проценти, а во споредба со бројот за втората недела од типичната епидемиска крива – моделирана од последните 13 сезони, зголемен е за 32,6 отсто – покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Според ИЈЗ, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнале 49 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и за ковид-19.
– Детектирани се 26 позитивен случај на Influenza, 22 А(H1)pdm09, еден Influenza А(H3) и 3 Influenza А . Регистрирани се 5 пациенти со респираторен синцицијален вирус (RSV) и еден пациент со ковид – наведуваат од ИЈЗ.
Во текот на последната недела, регистриран е еден смртен случај од грип. Се работи за лице на возраст од 65 години од Гостивар кое било хоспитализирано на Инфективната клиника.
-Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети (кардиоваскуларни и белодробни) и не бил вакциниран со вакцина против сезонски грип. Лабораториски е потврдена Influenza А(H1)pdm09-информираат од ИЈЗ.