Седлоски: Нема веќе доаѓање во репрезентација за шетање и гледање со роднините
Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, ги образложи своите избори за претстојните натпревари против Шкотска и Словенија во Лигата на нации.
На списокот нема место за Бојан Миовски, кој во последниот период добиваше мала минутажа во Глазгов Ренџерс, а селекторот порача дека повикот ќе го добие повторно кога ќе игра почесто.
Седлоски нагласи дека се одлучил за фудбалери кои имаат натпреварувачки ритам во своите клубови, а од репрезентативците очекува максимална посветеност и дисциплина на теренот.
„Списокот е 23 играчи и тројца голмани. Игравме со двете репрезентации, знаеме за какви селекции станува збор. Да ги поправиме оние грешки кои ги имавме тука со Шкотска првиот наптревар. Ние треба да се поправиме во она што јас го барам, да го остават срцето на теренот, да има трка, да има желба и дисциплина во играта. Играме со една силна селекција како што е Шкотска, но овие резултати кои се зад нас да ги заборавиме. Влегуваме во овие два меча да се поправиме. Ова е список на играчи кои имаат минутажа во своите клубови, и затоа се одлучив за овој тим“.
За изоставувањето на Миовски, селекторот беше дециден дека одлуката е поврзана со неговата минутажа, а не значи дека напаѓачот повеќе не е дел од плановите на репрезентацијата.
„Миовски беше долго време нема минутажа во Глазгов Ренџерс, затоа се одлучив за овие четворица напаѓачи. Не е избришан од составот, кога ќе има поголема минутажа и кога ќе настапува, ќе добие повик. Нема тука лутење, и јас кога не сум играл не сум бил повикуван. И така ќе продолжам во овие натпревари. Оние кои не настапуваат во тимовите, нема да биде повикан“, изјави Седлоски.
Тој испрати и јасна порака до репрезентативците, потенцирајќи дека очекува професионален однос и максимално залагање на секој тренинг и натпревар.
„Атмосферата во тимот е одлична, но ќе потенцирам дека нема да дозволувам повеќе да доаѓаат тука играчи само за да се видат со роднините и пријателите. Да одиграат 90 минути и да се вратат во своите клубови. И јас сум бил играч и знам како е да се биде репрезентативец. Се знае дресот како треба да се облече и како да се носи. Не може јас да бидам крив ако некој не се залага на тренинг или пак на натпревар. Кој и да е, нема да биде повикан, додека јас сум тука.
Во нападот имаме четворица фудбалери, од кои јас двајца сум тренирал – Азер и Марко. Марко се врати од повредата и почна да игра во својот клуб и сакам да видам како ќе се справи во селекцијата“, истакна македонскиот селектор.
Седлоски се осврна и на Илија Несторовски, кој настапува во добра форма, но најави дека ќе продолжи со процесот на подмладување на репрезентацијата.
„Несторовски игра во одлична форма, а тој има дадено многу за репрезентацијата на Македонија. Сепак, јас кажав дека имам јасна концепција. Почнав процес на подмладување и ќе продолжам по тој пат“, изјави Седлоски.



