Светот од денес има осум милијарди жители
Откако пред речиси три милиони години во Африка се развиле првите луѓе, глобалната популација со минливи застои постојано расте. Светот денес, според проценките на Обединетите нации, го доби осуммилијардитиот жител.
Најстарите фосили на првите познати луѓе се стари 2,8 милиони години и се најдени во источна Африка. Но, сè до крајот на 19 век проценките на бројот на жители на Земјата биле крајно произволни.
Од претходно знаеме дека нашите предци биле ловци собирачи кои имале помалку деца во споредба со подоцнежната популација за да го задржат номадскиот начин на живот.
Затоа и населеноста била поретка бидејќи им требало многу простор за да се прехранат, околу десет квадратни километри по човек, тврди Херв ле Брас, научник од францускиот Институт за демографски истражувања (ИНЕД). Тој вели дека бројот на жители растел и тогаш, но многу, многу споро.
Првиот познат скок во бројот на жители се случил со појавата на земјоделството во неолитот, околу 10.000 години пред новата ера.
Со земјоделството се развил и првиот селски начин на живот и можноста за складирање храна, што довело до раст на природниот прираст.
„Мајките можеле да ги хранат бебињата со каша, што го забрзало процесот на одвикнување од доењето и го скратило времето меѓу породувањата. Со други зборови, жените можеле да имаат повеќе деца“, објаснува Ле Брас.
Развојот на трајните населби донел и одредени ризици. Припитомувањето на животните луѓето ги довело во контакт со нови смртоносни болести.
Особено висока била смртноста кај децата. Третина умирала пред првиот роденден, уште третина пред осумнаесеттиот.
„Смртноста била голема, но и прирастот бил континуиран“, вели Ерик Крибези, антрополог на универзитетот во Тулуз.
Со шест милиони жители, колку што имало во тоа време, глобалната популација нараснала до 100 милиони околу 2.000 година пред новата ера, а потоа на 250 милиони во првиот век.
Растот на бројот на жителите ненадејно го сопрела чумата во средниот век. Пандемијата тргнала од централна Азија, од подрачјето на денешен Казахстан, стигнала во Европа во 1346 со бродовите кои превезувале стока од Црно Море.
Во само осум години збришала 60 отсто од популацијата на Европа, Блискиот Исток и северна Африка.
Глобалниот број жители поради црната смрт паднал од 429 милиони во 1300 година на 374 милиони сто години подоцна.
И војните во раниот среден век на западот на Европа резултирале со привремен пад на бројот на Земјаните.
Експлозијата на бројот на жители почнала во 19 век, главно поради развојот на медицината и индустријализацијата на земјоделството што ги унапредило глобалните резерви на храна.
Од 1800 бројот на жителите на Земјата пораснал осум пати, од милијарда на осум милијарди.
Крубези смета дека клучен бил развојот на вакцините, особено против големите сипаници, што искоренило еден од најголемите глобални убијци.
Седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век донесоа уште една мала револуција во облик на лекувањето на срцевите болести, што придонесе на намалување на смртноста на лицата постари од 60 години.