Деталите за позајмицата од ММФ пред пратениците, за што ќе се трошат 530 милиони евра 

По најавата дека Македонија ќе позајми 530 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд деталите за задолжувањето сега се пред пратениците. 

–  Република Македонија се задолжува кај Меѓународниот монетарен фонд со кредитна линија за претпазливост и ликвидност во износ од 406,87 милиони специјални права на влечење – СПВ (290 отсто од расположливата квота која и следува на Македонија во Меѓународниот монетарен фонд), наменета за поддршка на Буџетот – се наведува во законското решение. 

Рокот за отплата на секој повлечен износ од кредитната линија е три години и три месеци до пет години од повлекувањето на износот од кредитната линија. Секое повлекување од кредитната линија ќе се отплаќа во осум еднакви тримесечни рати, почнувајќи од вториот квартал од четвртата година од датумот на повлекувањето. 

Во законот е посочено дека на повлечениот износ од кредитната линија закон до 187,5 отсто од квотата, ќе се применува каматна стапка во висина на стапката на трошоци, според правилата утврдени од Меѓународниот монетарен фонд. На повлечениот износ од кредитната линија над 187,5 проценти од квотата, ќе се применува каматна стапка во висина на стапката на трошоци, според правилата утврдени од Меѓународниот монетарен фонд, зголемена за 2 проценти. 

–  Доколку повлечениот износ остане над 187,5 отсто од квотата по третата година, ќе се применува каматна стапка во висина на стапката на трошоци, според правилата утврдени од Меѓународниот монетарен фонд, зголемена за 3 проценти. За секое повлекување на средствата од кредитната линија, на ММФ му се плаќа трошок за услуги во висина од 0,5 отсто. На износот на неповлечени средства ќе се плаќа годишна провизија во висина од 0,15 проценти на првите 115 отсто од квотата, 0,3 проценти на неповлечениот износ над 115 отсто. Платената провизија на неповлечени средства ќе и се рефундира на Македонија до износот на направени повлекувања – се наведува во законот.

Кредитната линија за претпазливост и ликвидност е инструмент воспоставен во 2010 година, наменет за земјите членки на ММФ со здрави политики и докажана практика за имплементација на политиките.

–  Основниот стандард на квалификација на земјата да го користи овој инструмент е да не се соочува со потребата за финансирање на билансот на плаќања во времето на одобрување на кредитната линија, како и: 1. да има здрави економски основи и институционални рамки на политики; 2. да имплементира и да има докажана практика на имплементирање на здрави политики; и 3. да остане посветена на одржување на таквите здрави политики во иднина. Извршниот одбор на ММФ даде позитивна оценка за средства од овој инструмент да бидат користени од страна на Македонија. Воедно, од страна на ММФ беше предложено времетраењето на Кредитната линија за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ) да биде 24 месеци во вкупен износ од 406,87 милиони Специјални права на влечење (СПВ) што претставува 290 проценти од расположливата квота која и следува на Македонија во ММФ или противвредност на околу 530 милиони евра – се наведува во законот доставен во Собрание.


Од овие средства планирано е да се користат 84,18 милиони СПВ (60 отсто од квотата), кои би биле расположливи по одобрување на аранжманот од страна на Извршниот одбор на ММФ, и плус 119,3 милиони СПВ (80 проценти од квотата) на крај на првиот преглед, додека остатокот од средствата да има третман на кредитна линија за претпазливост. Ова барање е доставено до ММФ на 04.11.2022 година. Се очекува Кредитната линија за претпазливост и ликвидност да биде одобрена од страна на Одборот на директори на ММФ до крај на ноември 2022 година. Услов за да може да се повлечат средствата од Кредитна линија за претпазливост и ликвидност е Собранието да донесе соодветен закон за задолжување. 

Основно начело на кое се заснова овој Предлог Закон е обезбедување на финансиски средства за поддршка на континуираната заложба на Владата за водење на здрави политики и за обезбедување осигурување од ризици кои би можеле да доведат до непредвидена потреба за финансирање. Средствата од кредитната линија ќе бидат искористени за поддршка на Буџетот. Кредитната линија ќе се отплаќа од Буџетот на Република Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons