Салах го сака Реал Мадрид во финалето од Лигата на шампионите

Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах вели дека сака да ги одмери силите со Реал Мадрид во финалето од Лигата на шампиони.

Ливерпул е првиот финалист во Лигата на шампиони откако славеше на гостувањето кај Виљареал. „Жолтата подморница“ на полувреме водеше со 2-0 и најави изненадување, но „црвените“ го подигнаа нивото во продолжението од мечот и на крајот победија со 2-3 и го заверија билетот за Париз.

Клоп и неговите избраници утре ќе дознаат со кого ќе ги одмерат силите за трофејот во најелитното европско натпреварување, а Мохамед Салах сака нова пресметка со Реал Мадрид.

„Сакам да играм против Реал, морам да бидам искрен, преферирам да играме со Реал Мадрид“, вели Мохамед Салах.

Двата тима се сретнаа во финалето од Лигата на шампионите во 2018, Салах не го памети по добро тој меч, заработи повреда по еден дуел со Рамос и не можеше да помогне неговиот тим да избегне пораз.

Па сосема очекувано, Египјанецот беше запрашан дали бара одмазда, а тој со насмевка рече: „Поради тоа што изгубивме во финале? Сакам да играм одново со нив, се надевам дека ќе победиме сега“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons