Свет

Раководството на ЕУ со Вучиќ: Местото на Србија е во ЕУ 

Највисоките функционери на Европската Унија Урсула фон дер Лаен и Антонио Коста порачаа дека иднината на Србија е во ЕУ, но дека Белград мора да оствари напредок со реформите околу медиумската слобода, борбата против корупцијата и изборите.

Претседателката на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет објавија на социјалната мрежа Икс дека во Брисел имале „важен состанок“ со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Србија треба да ги спроведе реформите поврзани со патот кон ЕУ, особено да преземе решителни чекори кон слободата на медиумите, борбата против корупцијата и изборната реформа. Иднината на Србија е во ЕУ“, напиша Фон дер Лаен.

Коста напиша речиси идентична порака, наведувајќи дека разговарале „за потребата од напредување во реформите поврзани со членството во ЕУ“.

„Напредок е потребен во областите на слободата на медиумите, борбата против корупцијата и изборната реформа. Опипливи достигнувања во тие области кои можат директно да му користат на српскиот народ се на дофат на рака. Иднината на Србија е во ЕУ“, наведе Коста.

По работната вечера со европските лидери, Вучиќ на српските новинари во Брисел им кажа дека разговорот бил „срдечен, содржаен, отворен, одговорен и сериозен“.

„Минавме многу теми, клучната тема беше европската иднина на Србија. Кажав дека Србија е апсолутно посветена на таа цел, и повеќе од што била до сега, но кажав и дека наскоро ќе имаме одлука за формирање нова влада или одлука за нови избори“, кажа Вучиќ.

Српскиот претседател истакна и дека на европските лидери им кажал дека на протестите во Белград на 15 март не бил користен звучен топ и дека српските валсти се спремни да дозволат ЕУ да го провери тоа.

„Им кажав на моите домаќини дека немало никаков звучен топ и дека сме спремни тоа да го проверат на секаков начин“, кажа Вучиќ.

Група пратеници на Европскиот парламент испратиле писмо до шефицата на Европската комисија пред доаѓањето на Вучиќ за испраќање „штетен сигнал“ со состанокот.

„Времето на одржување на состанокот испраќа исклучително вознемирувачки и штетен сигнал имајќи ја предвид длабочината и сериозноста на политичката криза во Србија“, се наведува во писмото испратено од 32 пратеници на ЕП од редовите на социјалдемократите, либералите, зелените и левицата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons