Просечната возраст во пекарската индустрија е 57 години, нема да има кој да меси леб и бурек

Проблемот е сериозен и треба системски и институционално да се решава, алармираат од Стопанската комора

Просечната возраст на вработените во пекарската индустрија е 57 години. Кога ќе одат во пензија, ќе нема кој да ги замени. Компаниите од оваа област и сега се соочуваат со проблеми поради недостиг на квалификуван кадар. Младите воопшто немаат интерес за пекарската струка, ниту се заинтересирани да бидат сопственици на пекарници, покажува најновата анализа на Стопанската комора.

– Во големата пекарска индустрија најмногу недостигаат месачи, обликувачи на тесто и пекари, а во малата и микропекарска индустрија стопанствениците кубурат со пекари и бурекџии. Проблемот е сериозен и треба системски и институционално да се решава. Една од опциите е да се предвиди субвенционирање на работодавачите или работниците кои ќе ги одберат овие занимања во пекарската индустрија зашто идниот период може да дојде до блокада во работењето и до зголемување на цените на секојдневните пекарски производи и печива од рачна изработка – истакна Наташа Јаневска од Комората.

Комората најавува поддршка за своите членки преку преквалификација и доквалификација за бараните вештини.

– Почнуваме со обука за пекари во соработка со пекарницата „Пастел“, која се соочи со потребата од обучен кадар. Станува збор за верификувана, модуларно дизајнирана програма, изработена на барање на „Пастел“, која содржи теоретски и практичен дел. Лицата ќе бидат обучувани од искусен практичар, додека трае обуката ќе добиваат парични средства, а потоа, по завршувањето на обуката ќе бидат и вработени во фирмата – објасни Јаневска.

Според Игор Стојановски од „Пастел“, проблемот со немањето кадар во пекарската индустрија е исклучително сериозен.

– Драстично се качува цената на трудот на постојните работници – пекари. Веќе нема многу разлика дали бурекчијата ќе работи тука или во Германија, цените им се скоро изедначени. Не се исти, но полека ги стигнуваат зашто, едноставно, нема кој да работи – рече Стојановски.

За обуката веќе има четири кандидати, сите се жени, на возраст од околу 50 години. Тие сакаат да се преквалификуваат зашто бараат работа.

– Млади засега не се пријавиле- потенцира Стојановски, додавајќи дека во пекарската индустрија просечната плата е над 30.000 денари, а достигнува и до 60 000. Притоа, платата е во процес на раст.

Според последната анализа на Стопанската комора, 82 отсто од компаниите се обиделе да обезбедат кадар со потребни вештини, но не успеале во целост, 45 проценти од компаниите причината ја гледаат во ограничениот број кандидати со соодветни квалификации и работно искуство, додека 42 процента сметаат дека кандидатите имаат некои соодветни теоретски знаења.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons