Превозниците се повлекуваат од блокадите
Превозниците најавија целосно повлекување на блокадите.
Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски денеска соопшти дека прекинуваат протестите на приватните превозници. Вели дека ќе дадат простор на дијалогот што го предложи премиерот Димитар Ковачевски.
„Денеска по овој прес сите автобуси што се на улица да се повлечат, за да му се овозможи простор на дијалогот што тој го предлага и што за нас е основа за средба на која што како што и самиот спомена ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целава оваа состојба од која што и нему и на пошироката јавност после тие средби се надеваме дека како авторитети од висока институција ќе бидат пренесени во изворна форма на јавноста за таа да не се стави во заблуда“, рече Јовановски.
Тој инсистира на средбата со Ковачевски да има претставници и од Градот Скопје, но и од ЈСП за да ги соочат аргументите со кои што располагаат сите три страни, за јавноста да биде посоодветна запознаена.
Во втората половина на ноември престанаа да возат автобусите на „Слобода превоз“ со барање да им биде исплатен долгот кој им го должи Градот.
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција рече дека нема да ги прими приватните автобуски превозници на средба затоа што, како што вели тој, „не држи состаноци под уцени и притисоци“.
За претседателот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, рече дека бил дел од кампањата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и дека ВМРО-ДПМНЕ секојдневно излегува со соопштенија во кои вината ја префрла на грбот на власта.