МакедонијаНајново

ПРВА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА МАТИЧНИ КЛЕТКИ ОД НЕСРОДЕН ДОНОР Млада пациентка доби шанса за живот благодарение на донор од земјава 

Тимовите за трансплантација и Дарителскиот регистер на Клиниката за хематологија прв пат учествуваа во зафат за трансплантација на матични клетки од македонски несроден донор кои ги зголемуваат шансите да се спаси живот на пациентка со малигно хематолошко заболување.

На ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија беше извршена трансплантација на крвотворни матични клетки на пациентка со акутна миелобластна леукемија од несроден донор од Македонскиот дарителски регистер за коскена срцевина. Со оваа трансплантација оваа млада жена има можност да продолжи со животот.

– Благодарение на кампањата за зголемување на бројот на несродни донори на матични клетки „Биди срцевина, биди херој“, по неколкумесечно побарување, обезбедивме соодветен несроден донор, генски идентичен, кој се пријавил во регистарот. Пациентката, немаше друг фамилијарен донор. Хуманоста и високата свест за донација се основен мотив за спасување на млад човечки живот кој боледува од тешко малигно хематолошко заболување. Тимовите за трансплантација и Дарителскиот регистер прв пат учествуваа во зафат кога се трансплантираа матични клетки од македонски несроден донор кои веруваме дека ги зголемуваат шансите да се спаси животот на пациентката на Клиниката за хематологија – велат од Клиниката. 

Македонскиот дарителски регистер за коскена срцевина (МКДРКС) е основан во рамките на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, на Медицинскиот факултет во Скопје во 2010 година и од 2013 година е рамноправен член на Светската асоцијација на донори на коскена срцевина (WMDA). Во него членуваат засега само 5000 доброволни дарители. Секој од нив, утре на некој од нас може да ни го спаси животот. Затоа, уште еднаш апелираме до сите здрави лица на возраст од 18 до 55 години да станат дел од дарителскиот регистер и да помогнат во третманот на пациентите на кои им е потребно лекување со трансплантација на крвотворни матични клетки од несроден донор.

ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија од 15 септември 2000 година е активно вклучена, во трансплантација на матични клетки, а реализирани се вкупно 655 интервенции. Од 2018 година Клиниката воведе две нови услуги во македонското јавно здравство, трансплантација на крвотворни матични клетки од несроден донор, како и полуидентични трансплантации, кои претходно се реализираа исклучиво во странство.

– Се подигна квалитетот на јавното здравство и Република Северна Македонија влезе на мапата на светски и европски медицински центри за лекување на најтешките заболувања на крвта. ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, во интерес на пациентите, но и на државниот буџет, заштеди средства кои беа наменети за за лекување во странство во износ од 1,5 до 2 милиони евра годишно. Во изминатите четири години се реализирани вкупно 216 трансплантации – додаваат од Клиниката.

Многу е важно да се истакне дека со воведувањето на овие методи, за првпат во нашата држава, експертските тимови од Клиниката за хематологија и Дарителскиот регистер, поради професионалниот рејтинг и кредибилитетот, од земјите на Европската Унија добија орган-матични хематопетски клетки за трансплантирање.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons