Актуелно

ПРВА МЕРКА ОД НАРОДНА БАНКА ЗА ИНФЛАЦИЈАТА: Се зголемува каматата, се затега политиката 

Народната банка презема мерки за покачената инфлација. Денеска на седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, одлучиле да се зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени. Досега каматата на благајничките записи односно основната камата беше 1,25 процентни поени, а со зголемувањето ќе биде 1,5 отсто.

„Тоа е пред се како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период. При донесувањето на ваквата одлука во фокус беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари, стои во соопштението на Народната банка.

Како што веќе објавивме, а потенцира и Народната банка инфлацијата продолжи да забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8 проценти. Од централната банка велат дека главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓа повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезен инпут кај повеќе други производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува поширокораспространет. Ова заедно соподолготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период.

„Имајќи ја предвид стратегијата на стабилен курс на денарот, при носење на монетарните одлуки се земаат во предвид и состојбите на девизниот пазар и нивното влијание врз девизните резерви. По иницијалниот притисок на девизниот пазар, кој вообичаено се случува  во сите кризи, а којшто во голема мера беше поттикнат од неоснованите шпекулации за курсот, притисоците постепено се намалуваат и главно се поврзани со повисоката побарувачка од енергетскиот сектор, додека понудата од менувачниците бележи солиден раст надминувајќи го нивото и од пред пандемијата, велат од Народната банка.

Инаку соопштуваат дека девизните резерви се одржуваат во сигурната зона. 

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според прелиминарните податоци за март 2022 година годишниот раст на кредитите и натаму е солиден и е над проектираниот за првиот квартал на 2022 година, согласно октомвриската проекција, при нешто поумерен раст кај депозитите од проектираниот.

Зголемените геополитички тензии и високите инфлациски притисоци во глобални рамки креираа дополнителни неизвесности и ризици на меѓународните финансиските пазари коишто влијаеа врз расположението на инвеститорите. Во март се зголеми одбивноста кон преземање на ризик поради влошување на финансиските услови и вградените очекувања за постепена нормализација на монетарните политики од страна на централните банки. Ваквите движења се пренесоа и кај цените на најбезбедните државни обврзници во еврозоната, чиишто остварувања беа одредени и од најавеното побрзо намалување на откупот на хартии од вредност на состанокот на ЕЦБ. Зголемените очекувања за побрзо затегнување на политиката на ФЕД во услови на поволни остварувања на пазарот на труд и солидна економска активност го поттикнаа  растот на берзанските индекси и намалување на цените на државните обврзници во САД.   

„Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека неизвесноста и ризиците од ескалацијата на геополитичките тензии и од нивните ефекти, пред сѐ, врз глобалниот раст на цените, но и врз трговските текови и побарувачката, при се уште неизвесен тек на пандемијата предизвикана од ковид-19, налагаат натамошно внимателно следење на состојбите. Народната банка ќе продолжи со реоценување на поставеноста на монетарната политика на редовна основа, имајќи ги предвид најновите информации од надворешното окружување и домашната економија. Во тек е изработката на новиот циклус на макроекономски проекции во чии рамки ќе се направи сеопфатно реоценување на макроекономската слика и на поставеноста на монетарната политика. Доколку се оцени дека е потребно, централната банка ќе реагира со целиот свој расположлив инструментариум за задржување на ценовната и макроекономската стабилност, велат од Народната банка.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons