ПРАЗНИТЕ КЕСИ НЕ СЕ ПОЛНАТ НИТУ СО НАМАЛЕНИ ЦЕНИ: Граѓаните негодуваат, повтинувањата се минорни 

Колку новиот бран поевтинувања на цените на пијалоците ќе придонесе да се намалат трошоците на граѓаните? Дали тие веќе го чувствуваат ефектот од поевтинувањето на дел од прехранбените производи или напротив мерките имаат минорно влијание? 

И покрај фактот што Владата ги замрзна цените на 100тина производи од повеќе категории, граѓаните велат дека со ова не се ублажуваат семејните трошоци, кои одамна ги надминаа семејните примања. 

–  Нашето семејство брои три члена. За родители со едно дете имаме помалку трошоци од семејства со две деца, но сепак, платите не се доволни. Иако се забележуваат новите цени во маркетите, сепак, ако на основните производи цените се намалени, на оние кои не се опфатени во акцијата, цените се зголемени. Сите сме свесни дека пред да почне ова ценовно лудило со само три илјади денари имавме преполни кеси и храна за цела недела, со сите потреби. Денеска со три илјади денари одвај една кеса полниме – вели триесетгодишната Јована П. од Скопје.

Таа не е единствената која негодува околу намалувањата. И повозрасните граѓани сметаат дека поевтинувањата се минорни, особено ако се земе предвид дека се што се продава во маркетите има повисоки цени од претходно. 

–  Нема производ кој не поскапе, од храната, преку пијалоците, до средствата за домаќинство, хигиена, се што е потребно во едно домаќинство. Иако сме двајца пензионери со една солидна и една очајна пензија, одвај ги покриваме трошоците. Не знам како се снаоѓаат луѓе со две или една мала пензија. Овие примања одат само на лекови, на старост, за жал најмногу се троши за лекови, па сега поскапувањето значително ни ги влоши пресметките. Не остануваат средства да им се помогне на децата, сите се мачиме да го истуркаме месецот – посочи нашата соговорничка и дополни дека треба да се зголемат и платите и пензии, а особено малите пензии кои не се доволни за преживување.

За потсетување, Владата најави дека од денеска низ маркетите ќе поевтинат и пијалоците, меѓу кои пивото, водата и домашните сокови за 10 проценти. Дополнително, премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе биде ограничена и профитната маржа за овошјето и зеленчукот, со цел зачувување на животниот стандард на граѓаните. Притоа во трговијата на големо маржите ќе изнесуваат 10 проценти, а во трговијата на мало маржите ќе бидат 15 проценти

–  Донесовме одлука за намалување на маржата кај овошјето и зеленчукот со што дополнително ќе се намалат цените до 30 проценти во однос на овие производи. Мерката ќе биде објавена во Службен весник и стапува на сила од утре. Следат мерки за намалување на увозните давачки за свеж зелечук, ориз, лимони, портокали и мандарини, како и намалување на царинските стапки за млечни производи со масленост над 10 проценти. Овие одлуки ќе бидат донесени и објавени наредните денови и ќе бидат спроведени во пракса – кажа Ковачевски. 

Мерки на Владата ќе важат до 30 ноември, а за нивно евентуално продолжување ќе се одлучува во зависност од ситуацијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons