ППК Борец-Тим одлично го презентираше македонскиот пинг понг на турнирот во Италија
На големиот меѓународен турнир во Алгеро, Сардинија, Италија, македонскиот Пинг понг клуб „Борец-Тим“ Велес уште еднаш остави одличен впечаток со резултати кои ги надминаа очекувањата. За велешани настапија: Вили Ангелов, Ване Трајковски, Богдан Митушев, Зоран Џоневски и Ненад Диниќ.
Конкуренцијата беше многу силна со настап на 325 играчи од 28 држави од цел свет во повеќе категории: сингл, дабл и мешани парови.
Во конкуренција на 48 играчи најголем успех постигна Вили Ангелов со пласман во осумте најдобри. После поминување на групата следеа победи против натпреварувачи од Италија (двајца) и Шпанија. Во четврт финалето Ангелов беше поразен од претставникот на Велика Британија кој подоцна стана и првак.
Ване Трајковски исто така успешно ја помина групата, но беше запрен во елиминациска фаза со пораз од претставникот на Полска. Останатите играчи на клубот имаа послаби резултати и не се пласираа во елиминациска фаза.
Велешкиот пар Ангелов – Трајковски беше вистински хит на турнирот. Натпреварите се играа во апсолутна категорија и завршија околу полноќ. Македонскиот пар имаше неверојатен пат сѐ до четврт финалето каде беа запрени од парот од Велика Британија кои беа неприкосновени сѐ до финалето.
Најдобар меч на целиот турнир беше прогласен дуелот на Ангелов – Трајковски против Метус – Ричардсон од Лондон, кои беа големи фаворите за златен медал. Велешани без никаков респект влегоа во мечот и со огромна поддршка од трибините дојдоа до неверојатна победа со резултат 3:2. Сите сетови се играа на разлика, а петтиот сет заврши со 15:13 за македонскиот пар.
Мора да се нагласи големата поддршка од трибините на македонските навивачи со голем број на знамиња и дресови со боите на клубот и Македонија и неверојатна иконографија невидена за еден пингпонгарски турнир. „Борец-Тим“ ги собра симпатиите на сите учесници, а од одличните домаќини ППК Борец-Тим доби покани за учество на следното издание во 2027 година.



