Пораз на Јанез Јанша на парламентарните избори во Словенија
По пребројувањето на резултатите од парламентарните избори во Словенија, Јанез Јанша веќе нема да биде премиер на оваа земја. На изборите победи неодамна формираната опозициска партија Движење Слобода на менаџерот Роберт Голоб. Неговата партија освои 34,5 отсто од гласовите или 41 од вкупно 90 места во словенечкиот парламент.
Партијата на Јанша, СДС (Словенечката демократска партија) освои 23,6 отсто од гласовите и во парламентот ќе има 27 пратенички места.
Победата на новата зелено-левичарска партија на Голоб е поголема од кога било претходно во историјата на словенечките парламентарни избори, исто како и високата излезност на гласачите – 68 отсто од избирачите запишани во избирачкиот список.
Во словенечкиот парламент влегоа и конзервативната партија Нова Словенија со 7 отсто (8 места), Социјалдемократите со 7 отсто (7 места) и Левица со 4 отсто од гласовите (5 места). По едно место во парламентот добија и претставниците на унгарското и италијанското малцинство во парламентот. Покрај претставниците на малцинството, за да формира влада Голоб во претстојниот период е извесно дека ќе има разговори со Социјалдемократите и Левицата.
Политичкиот аналитичар Миха Ковач за Гардијан вели дека на изборите биле мобилизирани да излезат помладите гласачи и граѓанското општество.
„Гласањето беше глас против Јанша. Против Словенија да го фати патот на Унгарија, против преземањето на јавниот сервис од владата, против контрола на судството“, изјави Ковач.