МакедонијаНајново

Освен родителите на децата насилници со 250 евра ќе се казнуваат и оние кои не соработуваат со наставниците – Што подразбира тоа?

„Ќе се казнуваат и родителите на децата насилници, но и оние кои одбиваат да соработуваат со училиштето“ – велат од МОН во изјава за Женски Магазин. Со новите законски измени, родителите ќе бидат казнувани и доколку ги игнорираат повиците на наставниците за советување.

По низата инциденти со врсничко насилство низ училиштата во Македонија се кројат законски измени со цел да се намалат ваквите појави.

Откако стана јасно дека низата кампањи и јавното зборување на оваа тема не вродуваат со резултат, Министерството за Образование одлучи да преземе поригорозни мерки и да најави казни за родителите на децата насилници, но и да воведе поригорозни мерки во однос на превентивата, преку парични казни за родителите што навремено не соработуваат со стручните служби.

Министерката Весна Јаневска минатата недела ги најави ваквите законски измени според кои, како што нагласи, ќе се воведе глоба од 250 евра за родителите чии деца вршат насилство во училиштата, но и за оние кои одбиваат соработка со училиштето и со стручните служби.

Целта на ваквите измени е да се зголеми безбедноста во училиштата, но и да се зголеми одговорноста на сите инволвирани во воспитно-образовниот процес.

Женски Магазин стапи во контакт со Министерството за Образование, од каде побаравме да ни појаснат како ќе се одвива целата постапка. Освен делот со насилното однесување, ние побаравме појаснување и за делот за казните поврзани околу одбивањето за соработка со наставниците.

Оттаму, ни прецизираа дека според законските измени, освен за родителите на децата насилници,  се предвидуваат казни и за родителите што не сакаат да доаѓаат на родителски средби, или на советувања за нотиран проблем со ученикот и сл.

Односно казни се предвидуваат и за оние родители кои не сакаат да бидат инволвирани и не се вклучуваат во воспитно-образовниот процес на нивното дете.

„Наставникот повикува родител. Овој дел не е ништо ново. И досега беше вака. Со тоа што, со измените на законот доколку родителот одбива да дојде, ќе следи парична казна“ – ни појаснија оттаму.

Како што претходно најави министерката, државниот секретар е во постојан контакт со пратениците и во Собранието веќе се дооформуваат предлозите за измените на Законот за основно образование.

Инаку, праската да се воведуваат строги мерки против врсничкото насилство, постои во повеќе земји во светот.

Во некои земји, родителите можат да добијат илјадници евра казна, па дури и затвор ако се утврди дека не презеле мерки за да го спречат насилното однесување на своето дете.

Во тој поглед, Франција е една од најстрогите европски држави во борбата против булингот. Во 2021 година парламентот го прогласи врсничкото насилство за кривично дело.

Во тешки случаи, насилниците може да добијат и до 10 години затвор ако жртвата изврши самоубиство.

Иако законот директно ги таргетира малолетниците, родителите често се соочуваат со високи граѓански отштети, кои се движат од 45.000 до 150.000 евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons