ОН: Повеќе од 700 милиони луѓе не знаат кога пак ќе јадат 

Светската криза со глад остави повеќе од 700 милиони луѓе несигурни кога или дали повторно ќе јадат, а побарувачката за храна незапирливо расте како што пресушуваат хуманитарните фондови, рече Синди Мекејн, извршна директорка на Светската програма за храна (ВФП).

На седница на Советот за безбедност на ОН таа рече дека поради недостиг од финансиски средства, таа агенција била принудена да ги намали оброците на храна за милиони луѓе и дека „на пат се уште кратења“.

„Сега живееме со серија симултани и долгорочни кризи, кои ќе продолжат да ги отежнуваат глобалните хуманитарни потреби“, рече Мекејн. „Ова е новата реалност на хуманитарната заедница – нашата нова нормала – и ние ќе се справуваме со последиците во годините што доаѓаат.“

Синди Мекејн, вдовица на починатиот американски сенатор Џон Мекејн, рече дека се проценува дека речиси 47 милиони луѓе во најмалку 50 земји се „само чекор од гладот“, а се проценува дека 45 милиони деца на возраст под пет години страдаат од акутна неухранетост.

Според проценките на ВФП, од 79 земји каде што работи агенцијата со седиште во Рим, до 783 милиони луѓе – секој десетти од светската популација – и натаму секоја вечер си легнуваат гладни.

Повеќе од 345 милиони луѓе се соочуваат со високи нивоа на несигурност во храната оваа година, што претставува зголемување за речиси 200 милиони луѓе од почетокот на 2021 година пред пандемијата, соопшти агенцијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons