Од 1 мај директна авиолинија Тиват – Скопје, летови двапати неделно
Од 1 мај ќе биде воспоставена директна авиолинија меѓу Тиват и Скопје, која во почетокот ќе сообраќа двапати неделно.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, очекува новата авиолинија да придонесе за зголемување на бројот на патници, но и за развој на туризмот и економската соработка меѓу двете држави.
„Она што го разговаравме пред 20 дена при нашата посета на Црна Гора, сега се реализира. Се надевам дека оваа авиолинија сериозно ќе придонесе за зголемување на бројот на патници, но и за развој на туризмот и бизнисот. Очекувам да ја користат многу луѓе“, изјави Николоски на денешната заедничка прес-конференција со вицепремиерот на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
На средбата, двајцата вицепремиери разговарале и за унапредување на економската соработка, при што се договориле следната година да организираат голем бизнис-форум на кој ќе учествуваат компании од двете држави.



