Од Министерството за односи меѓу заедниците исчезнати 30 лаптопи, точено гориво без контрола, исплаќани плати без доказ за присуство
Државниот завод за ревизија при ревизија во Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година констатирал кусоци на материјални средства, вклучувајќи 30 преносни компјутери, исплата на 61 процент на име плата на вработените без да се обезбедат податоци за нивното присуство на работа и точење нафтени деривати во возила за кои не може да се потврди дека се во сопственост на Министерството.
ДЗР денеска на својата веб страница објави извештаи за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за односи меѓу заедниците на сметката на основниот буџет (637) за 2024 година и ревизија на усогласеност на тема „Јавни набавки во Министерство за односи меѓу заедниците (претходно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците) во 2023 година.
Како што соопшти ДЗР, изразено е неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Со извршената ревизија, утврдиле состојби кои укажуваат на слабости при начинот на евидентирање и користењето на средствата со кои располага Министерството за односи меѓу заедниците.
Ревизорите утврдија нецелосно спроведен попис на средствата и обврските со состојба на 31.12.2024 година, при што 28 проценти од вкупните основни средства со сегашна вредност од 1.565 илјади денари, односно 25.360 евра, не се пронајдени при вршењето на годишниот попис на основни средства, а како резултат на невоспоставена пракса на издавање реверси за задолжување на вработените со опремата која им е доделена на користење, исто така 30 преносни компјутери не се пронајдени со пописот. За седум моторни возила не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција, додека, пак, за побарувањата од вработените во износ од 2.102 илјади денари односно 34.000 евра кои потекнуваат од минати години (2012-2020 година), Министерството не располага со документација за неподмирениот износ, односно кое лице должи и во кој износ, се вели во соопштението од ДЗР.
Оттаму укажуваат дека за дел од наведените состојби, по промена на раководството, во текот на 2024 година преземени се активности за нивно надминување, а за дел постапуваат и други надлежни органи.
Утврдени се и состојби со извршена ревизија на документацијата за реализација на Програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година, по која на 33 здруженија и фондации исплатени се средства во износ од 19.800.000 денари, односно 320.900 евра. Ревизорите наведуваат дека Програмата е донесена со задоцнување во октомври 2023 година, кога е објавен и јавниот повик за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите, а не во рок од 30 дена по донесување на Буџетот како што е уредено со Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженијата на граѓани и фондации. Во одделението за соработка со здруженија и фондации во 2024 година во периодот на реализација на програмата, од девет предвидени работни места, не било пополнето ниту едно. Исто така, Комисијата за распределба на финансиски средства за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации од буџетот на Министерството составена од 18 членови од повеќе државни институции, не обезбедила документација за извршеното бодирање на апликациите од страна на секој член на комисијата за 138 поднесени апликации опфатени со Предлог ранг листата. Здруженијата и фондациите кои се стекнале со правото на користење средства од Министерството, дел од документацијата ја доставиле на албански јазик, без превод на македонски јазик, што не е во согласност со одредбите на Законот за употреба на македонскиот јазик.
– Согласно Извештајот за користење на распределените средства и за постигнатите резултати од поддржаните активности на здруженијата и фондациите за 2023 година, од вкупно 33 здруженија и фондации, 17 односно 51 процент од нив треба да извршат поврат на средствата во Буџетот на државата во износ од 1.225 илјади денари, односно 19.850 евра, од причина што не доставиле докази за трошење на средствата. До денот на ревизијата 14 здруженија вратиле средства во износ од 361 илјада денари, со две здруженија се води постапка за медијација за враќање на средствата во износ 264 илјади денари, додека за едно здружение е поведена судска постапка за поврат на средства во износ од 600 илјади денари. За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени во Министерството, исплатени се 165.010 илјади денари, од кои за 150 вработени по Потпрограмата К5 – Соодветна и правична застапеност на заедниците и како преведувачи или за 61 процент од вработените, исплата на плата се врши без да се обезбеди доказ за присутност на работа и за полно работно време, и покрај воспоставената електронска евиденција на работното време за вработените, се вели во соопштението од ДЗР.
Со Законот за преземање на административни службеници вработени преку Потпрограма К5 во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, наведува ДЗР, предвидено е Министерството по преземање на вработените, да донесе измена на актот за систематизација на работните места со цел усогласување со потребите на Министерството. Актите за внатрешна организација и систематизација на Министерството, во период од нивно донесување во 2019 година па се до 2025 година изменети се шест пати, со добиени согласности. Заклучно со 31.12.2024 година од предвидените 2 556 работни места пополнети се 244 работни места односно пополнетост од 10 проценти поради неизвршени усогласувања со одредбите од законот што влијае на реалното согледување на потребните капацитети на Министерството.
Како што наведува ДЗР, во текот на 2025 година започната е изработка на функционална анализа како основа за подготовка и донесување нови акти за внатрешна организација и за систематизација на работни места во Министерството, која до денот на ревизијата не е изработена.
Во однос на реализација на договорите за јавни набавки ревизорите констатирале дека во известувачкиот период на име трошоци за нафтени деривати исплатени се средства во износ од 516 илјади денари, како што соопштуваат, без да се врши контрола на регистарските таблици и видот на набавеното гориво поради што овозможено е моторни возила кои не се во сопственост на Министерството или возила за кои нема податок за регистарски броеви да полнат гориво, односно да набавуваат течен нафтен гас кој не е предвиден како вид на гориво во склучениот договор за набавка.
– При спроведување на две постапки ревизорите утврдиле дека за понудената цена, за сервисирање на возила од 0,01 денар за 1 работен час и за провизија од 0,01 проценти од износот на угостителската услуга, комисиите не побарале објаснување за понудената невообичаено ниска цена. Притоа, во дел од фактурите за сервисирање на возилата за 2024 година вршена е замена на делови кои не се предвидени со листата во тендерската документација, за дел од ставките фактурирани се цени кои се неколку пати повисоки од прифатената понуда, а за извршените услуги не се доставени работни налози како прилог на фактурите. Исто така, при изборот на најповолен економски оператор за набавка на услуги од авторска агенција, иако како критериум е поседување лиценца А, Б, В или Г за вршење привремени вработувања, комисијата за јавни набавки не побарала да се достават бараните лиценци како доказ за исполнување на условите за учество во постапката за ЈН. Вредноста на склучениот договор е 11.800.000 денари, соопшти ДЗР.



