Од загадениот воздух во Европа годишно умираат над 1.200 деца 

Загадувањето на воздухот предизвикува повеќе од 1.200 предвремени умирања годишно во Европа кај помладите од 18 години и го зголемува ризикот од хронични болести подоцна во животот, соопшти денеска Агенцијата за животна средина на ЕУ (ЕЕА).

Во извештајот се наведува дека загадувањето на воздухот влијае на сите, но дека децата и адолесцентите се особено ранливи бидејќи нивните тела, органи и имунолошки системи сѐ уште се развиваат.

Загадувањето на воздухот му штети на здравјето во текот на детството и го зголемува ризикот од болести подоцна во животот, но децата не можат многу да направат за да се заштитат или да влијаат на политиката за квалитетот на воздухот, вели извештајот.

Само кога целокупното загадување на воздухот ќе се намали на безбедно ниво, а со тоа ќе се подобри квалитетот на воздухот во средини како што се училиштата и градинките, ова може да помогне да се намали нивната изложеност, велат од ЕЕА.

Агенцијата во ноември минатата година објави дека 238.000 луѓе прерано починале од загадениот воздух во 2020 година во ЕУ, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија и Турција.

Исто така, се истакнува дека загадениот воздух кај децата го зголемува ризикот од неколку здравствени проблеми, вклучувајќи астма, намалена функција на белите дробови, респираторни инфекции и алергии.

Според податоците објавени денеска, во 2021 година, 97 отсто од урбаното население биле изложени на воздух што не ги исполнувал препораките на Светската здравствена организација (СЗО).

Ситуацијата во Европа изгледа подобро отколку во повеќето делови на светот, соопшти СЗО, која смета дека загадувањето на воздухот предизвикува седум милиони смртни случаи во светот секоја година, што е речиси исто како и бројот на умирањата од пушењето цигари или лоша исхрана.

И покрај неодамнешните подобрувања, нивоата на клучните загадувачи на воздухот во многу европски земји остануваат над упатствата на СЗО, особено во Централна и Источна Европа и Италија, објави ЕЕА во студијата на повеќе од 30 земји, вклучително и 27 членки на Европската Унија.

Во извештајот не се вклучени Русија, Украина и Велика Британија, што укажува дека вкупниот број на смртните случаи на европскиот континент би можел да биде поголем.

Овогодинешната студија на ЕЕА е првата што се фокусира на децата.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons