Од денеска се менуваат уплатниците, што треба да знаат граѓаните?
Од денеска, 9 ноември, стапуваат во сила новите правила во домашниот платен промет, со кои се воведуваат нови платни налози, нови шифри за плаќање и изменет формат на денарските банкарски сметки.
фото: УЈП
Една од промените е укинувањето на досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53, кои ќе бидат заменети со нови стандардизирани платни налози. Новите уплатници ќе имаат поинаков изглед, распоред и содржина на полињата.
Се менуваат и досегашните нумерички шифри за плаќање. Наместо нив ќе се користат четиризнаковни алфанумерички ознаки, усогласени со меѓународниот стандард ISO 20022.
На пример, досегашната шифра 200 за промет на производи и стоки меѓу правни субјекти се заменува со GDDS, шифрата 220 за извршени услуги со GDSV, додека шифрата 250 за авансни плаќања се заменува со ADVA. За останати плаќања ќе се користи ознаката OTHR.
Промена има и кај форматот на денарските платежни сметки. Пред постојниот број ќе се додава ознаката MK07, со што сметките ќе се прикажуваат во ИБАН-формат. Тоа не значи дека граѓаните треба да отвораат нови сметки – постојните броеви остануваат непроменети.
За корисниците на електронско и мобилно банкарство, начинот на извршување на плаќањата во најголем дел останува ист, бидејќи банките ги приспособуваат своите системи. Кај хартиените налози, пак, ќе се користат новите обрасци.
Важно е да се знае дека шифрата за целта на плаќањето, согласно регулативата, не е задолжителен податок за прием и извршување на налогот. Сепак, при нејзино внесување треба да се избере ознаката што одговара на намената на трансакцијата.
Новите правила се дел од усогласувањето на македонскиот платен систем со меѓународниот стандард ISO 20022 и регулативата за платежни услуги.



