Обвинителството бара притвор за поранешната финансиска директорка на „Државна лотарија“ и за уште една осомничена
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага и побара притвор за поранешната директорка на Секторот за финансии и сметководство во „Државна лотарија“ и за уште една осомничена, која во 2024 година била шефица на финансиски работи. Двете се осомничени за проневера на речиси 1,3 милиони евра од државното акционерско друштво.
Станува збор за директорка и шефица на финансии во „Државна лотарија“. Според истрагата, тие во текот на 2024 година наместо целокупниот дневен промет од продажните места да го уплаќаат на трансакциската сметка на државното акционерско друштво, средствата ги присвоиле за себе.
Обвинителството до судија на претходна постапка доставило предлог за определување мерка притвор за двете осомничени, поради опасност од бегство, можност да влијаат врз постапката и опасност од повторување на кривичното дело.
Истрагата е отворена по спроведената акција во координација со Управата за финансиска полиција. Случајот е одделен од постапката за злоупотребите во „Државна лотарија“ во која се обвинети осум лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби.



