Нови детали: Две од жртвите во сообраќајката во Словенија се деца – стигна писмо до МНР
Две малолетни и едно полнолетно лице, сите македонски државјани, се трите жртви во тешката сообраќајна несреќа што се случи на приморскиот автопат во Словенија. Уште двајца македонски државјани се повредени.
Информацијата ја потврди Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, откако македонската Амбасада во Љубљана добила официјален допис од словенечката полиција.
„Во незгодата во Словенија животот го загубиле три лица – едно полнолетно и две малолетни лица, државјани на Македонија. Повредени се уште две лица кои се наоѓале во возилото и кои исто така се македонски државјани“, соопшти МНР.
Случајот го истражуваат надлежните полициски органи во Копер, а македонската Амбасада во Љубљана останува во комуникација со словенечките институции и го следи понатамошниот тек на постапката.
Во автомобилот се превезувале вкупно пет македонски државјани. Според првичните сознанија на словенечката полиција, камион поради дефект бил запрен во ниша покрај автопатот, кога автомобилот од засега непознати причини удрил во задниот лев дел од неговата приколка.
Трите лица починале на самото место. Еден од двајцата повредени со хеликоптер бил пренесен во болница, додека повредениот возач бил транспортиран со возило на Итната медицинска помош.
Истрагата треба да ги утврди точните причини и околности под кои дошло до трагичниот судир.



