Свет

Непал предупредува на можни нови поплави, повеќе од 3.000 луѓе се водат како исчезнати

Непалските власти денес предупредија за можноста за нови поплави и ги повикаа жителите на поплавените подрачја да останат во состојба на висока готовност откако нивото на водата во реката Ботекоши се зголеми.

Предупредувања за поплави беа испраќани на мобилните телефони на граѓаните во текот на целото утро, додека спасувачките екипи работеле на расчистување на главниот пат што го поврзува Катманду со една од областите најтешко погодени од катастрофалните поплави во средата.

Вкупниот број на жртви во Непал и Тибет се искачи на 750, а повеќе од 3.000 лица се водат како исчезнати, според најновите бројки објавени денес.

Агенцијата за управување со катастрофи на Непал соопшти дека бројот на жртви се искачи на 734, а 2.498 лица се водат како исчезнати. Кинеските власти пријавија 16 мртви и 546 исчезнати.

Најновите предупредувања дојдоа откако кинеските власти ги информираа непалските колеги за зголемен проток на вода низводно, изјави за Асошиејтед прес Дарам Раџ Упрети, извршен директор на Националната агенција за намалување на ризиците од катастрофи и управување со вонредни состојби на Непал.

Но, жителите на поплавените села рекоа дека тешко се снаоѓаат со речиси постојаните предупредувања што ги добиваат од првите поплави.

„Понекогаш велат дека доаѓа поплава, па затоа мора повторно да бегаме на повисоки места, дури и ноќе. Врне и дожд. За мене ова е навистина тешко. Имам 72-годишен татко и 70-годишна мајка. Морам да ги носам и сум исцрпен. Вака е за оние што преживеаја“, рече локалниот жител Говинд Шрешта.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons