Нема да има државна помош за оние што безмилосно трошат струја! 

За 2022 и 2021 година, Владата му префрли околу 252 милиони евра на ЕСМ за електрична енергија. Државната помош, пак, за топлинска енергија за истиот период била околу 37 милиони евра. Просечната месечна потрошувачка на електрична енергија по домаќинство во земјава е под 500 киловат-часови

По десет месеци од првото предупредување (февруари годинава) со кое официјален Брисел ги повика државите да почнат постепено да ги укинуваат масивните енергетски субвенции, дел од македонските министри меѓу редови ја најавија оваа непосакувана вест и за нашите граѓани. Првиот гласник е вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој соопшти дека ќе се намалат субвенциите на сметките за струја и тоа од 80 на 60 отсто.

Според него, тоа е една од препораките на ММФ, кои бараат наместо за субвенции на струјата, повеќе пари да трошиме на инфраструктура, здравство и образование. Тоа значи дека некои потрошувачи ќе треба да платат повисока цена на струјата, а како што резонира Битиќи, тркалото ќе застане кај третиот и четвртиот блок. Сега во Третиот тарифен блок се оние што трошат од 631 до 1.050 киловат-часа (4 отсто од домаќинствата), а во Четвртиот се оние со потрошувачка од над 1.050 киловат-часа (3 отсто). Инаку, просечната месечна потрошувачка на електрична енергија по домаќинство во земјава е под 500 киловат-часа.

Пред да побараат престанок на субвенциите, од ЕК прецизираа дека за енергетски субвенции, владите потрошиле 1,2 отсто од БДП на ЕУ во 2022 година, а планот за оваа година бил да се потрошат 0,9 отсто од БДП. Во однос на нашата земја, за 2022 и 2021 година, Владата му префрли околу 252 милиони евра на ЕСМ за електрична енергија.

Државната помош, пак, за топлинска енергија за истиот период била околу 37 милиони евра. Министерот за економија Крешник Бектеши во март годинава не излезе со бројки, но беше горд дека во споредба со другите држави, со енергетската криза сме се справиле со најмалку пари и без рестрикции. Од АД ЕСМ, пак, истакнаа дека субвенциите за електрична енергија за потрошувачите ги добиле со одлука од Владата за да се покрие дел од цената на електрична енергија што ја произведува АД ЕСМ за универзалниот снабдувач.

Внимателното читање на сметките за струја подолго од една година покажува дека државата во одредени моменти, покривала и над 90 отсто од сумата што треба да ја платат граѓаните. Според вицепремиерот Битиќи, енергетски субвенции од 80 и 90 отсто се неиздржливи за малата македонска економија.
Од Владата за „Слободен печат“ во февруари годинава рекоа дека следат што се случува и ќе носат соодветни одлуки.ADVERTISING

– Владиниот економско-енергетски тим ја следи состојбата на домашно и на регионално ниво во поглед на состојбите со пазарите на енергија и во наредниот период ќе бидат донесени и соодветни одлуки што пред сè ќе бидат во интерес на граѓаните и на компаниите – рекоа од Владата на нашето прашање дали ќе се укинат енергетските субвенции.

Како што се намалуваат цените на енергијата, треба да преминеме кон постепено укинување на повеќето мерки за поддршка, почнувајќи од оние што се најмалку насочени – порача претходно Валдис Домбровскис, извршен потпретседател на Комисијата.

ЕК ги продолжува енергетските субвенции за уште шест месеци

Европската комисија соопшти дека одлучила да ги продолжи за уште шест месеци привремените правила за државна помош во ЕУ, воведени поради војната во Украина и поскапувањето на енергенсите, објави БТА. Привремените правила беа воведени лани на 23 март и веќе трипати се продолжуваат. Според одлуката, мерките за обесштетување на компаниите се задржуваат до крајот на јуни 2024 година и се зголемуваат плафоните за износите на помошта од 250.000 евра на 280.000 евра за земјоделците, од 300.000 евра на 335.000 евра за риболов и од 2 милиони евра до 2,25 милиони евра за сите останати области од економијата. Од почетокот на идната година ќе биде прекината примената на ликвидната поддршка во форма на државни гаранции и субвенционирани кредити, како и мерките за намалување на потрошувачката на електрична енергија. Помошта за компензација на високите цени на енергијата може да се обезбеди во која било форма. Висината на помошта може да се пресмета според моменталната потрошувачка, објаснуваат од комисијата.

 Според германските експерти – државната помош е лудост!

Субвенциите за цената на струјата за домаќинствата се лудост – тоа го намалува влијанието врз штедењето, оценија од Универзитетот во Манхајм. Западните економисти оценуваат дека овој дел од државната помош е лошо осмислен, а некои од мерките се контрапродуктивни. Од една страна се намалува потрошувачката на домаќинствата и фирмите, но истовремено се одржува високата побарувачка за енергенси.
Милојко Арсиќ, професор на Економскиот факултет во Белград, за српските медиуми изјави дека државата со својата енергетска ценовна политика спречила голем ценовен удар, но сите на крајот ќе мора да го платат цехот преку зголемување на јавниот долг.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons