Независниот синдикат на полицијата бара усогласување на платите со новото покачување на минималната плата 

Гранскиот независен синдикат на полицијата (НСП) од Владата и нејзиниот Економско-социјален совет (ЕСС) бара платите на полицијата да бидат усогласени со новото зголемување на минималната плата во државата. 

Претседателот на НСП Гоце Делчев на прес-конференција ги повика министрите во ЕСС, кој секој март се состанува со синдикатите и работодавците за покачување на минималната плата, да ја имаат предвид и полицијата зашто според документите што се подготвуваат, рече, за нив не е предвидено покачување на платите. 

-Апелираме до сите членови во ЕСС да се земе предвид, да се изнајде решение со секое покачување на минималната плата да се направи покачување и на платата во полицијата. Бидејќи и ние сме исто како и сите останати службеници во државата без разлика што сме третирани со посебни закони. Покачувањето на минималната плата треба да се вкомпонира и за полицијата, тука ги вклучувам и шумската, судската и затворската полиција. Но, најголем проблем е огромниот број во полицијата кои се директно засегнати од немањето покачување на платата врз основа на покачување на минималната плата, рече Делчев.

Од 20.184 денари со новото зголемување, рече, минималната плата ќе изнесува 22.500 денари. 

-Разликата од тие околу 2.430 денари е основа која НСП ги бара да биде порамнување врз основа на покачување на минималната плата, додаде претседателот на синдикатот.

Со години наназад, рече, ова барање го доставуваат до МВР, но дека ова Министерство не е тоа што го прави покачувањето и е „незначителен фактор“.

-Покачувањето го бараме од Владата односно од Економско-социјалниот совет кое е тело што расправа, разгледува и донесува одлука на ниво на држава за сите плати, изјави Делчев.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons