На 30 ноември нема да работат училиштата во Скопје 

Властите очекуваат сите министри за надворешни работи на земјите-членки на ОБСЕ да бидат присутни на претстојниот министерски совет на организацијата, кој ќе се одржува во Скопје кон крајот на месецов. Веќе е извесно присуството на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, но останува да виси дали во земјава ќе допатува и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Министерот Бујар Османи кажа дека одлуката единствено зависи од Скопје, но и од Софија или Атина.

„Одлуката за санкции на Европската Унија не се однесува за настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ. Оттука, одлуката е на владите, меѓутоа правен основ во ЕУ има. Таква одлука треба да донесеме ние и најмалку една од нашите соседи, Бугарија или Република Грција, за да може да се обезбеди прелет“, рече Османи.

Османи не беше конкретен во одговорот дали другите делегации, особено украинската, го условуваат своето присуство со евентуалното учество на Лавров на министерскиот совет.

Поради позициите на Русија, останува и прашањето кој ќе биде наредниот претседавач со ОБСЕ. Москва стави вето за кандидатурата на Естонија, како и за буџетот на организацијата. Доколку не се најде алтернатива, можно е Македонија да го продолжи претседавањето и догодина. Одговорот ќе се дознае за две недели.

„Доколку се исцрпи ова сценарио, да не може Естонија да добие консензус, бараме алтернативно друга држава, за којашто може да се постигне консензус. Ако и алтернативна држава не можеме да најдеме до скопскиот министерски совет, тогаш евентуално теоретски може да се постави прашањето ние да продолжиме уште една година“, додава Османи.

Дводневниот Министерски совет на ОБСЕ ќе се одржи на 30-ти ноември и први декември. Во Скопје ќе присуствуваат над 70 делегации, со околу илјада членови. Поради логистички и безбедносни причини, Владата одлучи на 29-ти ноември, среда, работното време за јавната и државната администрација да биде до 12 часот напладне, а 30-ти ноември, четврток е прогласен за неработен ден за административците во Скопје. Нема да работат ниту училиштата. Одлуката не важи единствено за здравствените установи и градинките.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons