МакедонијаНајново

На тендер се избира изведувач на третата делница  од пругата кон Бугарија 

Објавен е тендерот за избор на изведувач на третата делница  од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до бугарската граница на Коридорот 8. Истовремено, во тек е и процесот за избор на надзорен инженер и на консултант за техничка помош на инвеститорот (ЖРСМ Инфраструктура).

Новата железничка делница е проектирана во должина од 23,4 километри, а ќе се градат и 22 тунела, вклучително и еден на граничниот премин), 52 мостови/вијадукти, како и железнички станици кај Крива Паланка и кај село Жидилово.

„Се очекува  во првиот квартал 2024 година да се избере консултант за техничка помош, во вториот квартал  надзорен инженер, додека пак тендерската постапка за избор на изведувач  да се заокружи во третиот квартал на 2024 година. Според оваа динамика, активностите на терен би започнале во 2025 година за што повеќе детали ќе се  има по одобрување на динамичниот план на изведувачот“, изјавија за МИА од ЈП ЖРСМ Инфраструктура. 

Постапката за експорпријација за оваа делница е во тек, а досега се завршени 60 проценти, претежно во руралните средини.

Средствата во износ од 560 милиони евра како проценета вредност за оваа делница се веќе обезбедени, со грант од 61 милион евра од ИПА компонентата, 149 милиони евра од ВБИФ и два заеми од ЕБОР и ЕИБ  од по 175 милиони евра. 

Во  наредната година,  ЖРСМ Инфраструктура најавува дека ќе продолжи со градежните работи кои се во тек на двете делници на источниот дел од Коридор 8, на делницата Куманово – Бељаковци и на Бељаковци – Крива Паланка.

Од Министерството за транспорт и врски и од ЖРСМ Инфраструктура велат дека на првите две делници од пругата кон Бугарија, работите се одвиваат согласно одобрените динамички планови на  изведувачите Ѓулермак и Страбаг.

Делницата Куманово до Бељаковц е изградена над 45  проценти и според оваа динамика, Министерството за транспорт очекува да биде пуштена за сообраќај во октомври следната година.

„За втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка прогресот на работи е над 18  проценти, таму изведувачот ги надмина сите предизвици и според договорниот рок очекуваме да биде завршена во февруари 2026 година“, изјавија од Министерството за транспорт и врски. 

Инвестицијата за првите две фази изнесува околу 200 милиони евра.

Работна група за западниот железниччи дел од Коридор 8 

За изградбата на западниот дел од железницата на Коридор 8, формирана е работна комисија која работи на постапките за изградба и на овој дел од пругата.

Планирано е да се реализира во две фази, од Кичево до Струга и од Струга до границате со Албанија.

„Во овој момент комисијата работи на апликација за грант средства до КОНЕКТА кои ќе бидат потребни за да се направи ревизијата на основниот проект, информираат од Министерството за транспорт. МФ работи на преговори со меѓународни институции за финансирање за изградба на овој западен коридор“, информираат од ресорното Министерство.

Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри (од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива  Паланка 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија 24 километри). Проектираната пруга на западното крило на потегот од Кичево до границата со Албанија е 63 километри

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons