Маска за ковид ќе носат само тие што сакаат, Комисијата за заразни препорача укинување со исклучок на болниците, аптеките и автобусите 

Паѓаат маските во затворен простор. Комисијата за заразни болести препорачува укинување на оваа задолжителна мерка, која останува на сила само за влез во аптека, болница, старски домови и јавен превоз. 

Граѓаните слободно ќе дишат додека пазарат во моловите и маркетите или чекаат во банка, а без маски ќе бидат и наставниците во основните училишта. 

Останува по избор на индивидуите, кои сакаат можат да носат маска, но она задолжителното носење на маски веќе нема да важи. Сепак, задолжителното носење на маски иако го укинуваме, препорачуваме маски да носат постарите лица, оние со имунокомпромитирачки заболувања и со хронични болести, изјави Проф. д-р. Александар Петличковски, претседател на Комисија за заразни болести.

Освен маските, нема повеќе да има и изолација за контактите со заразени кои досега седеа во седумдневни домашни карантини и покрај добрата здравствена состојба. 

Дали оваа мерка ќе биде целосно укината и за оние што имаат позитивен тест како што е практика во некои земји, од Комисијата велат го имаат и тоа во предвид, но не сега. 

Постепено ќе ги олабавуваме мерките за да не дојдеме во ситуација да има влошување на состојбата. Следуваат и празници и мора внимателно со укинување на рестрикциите, изјави Д-р. Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ. 

За денешните препораки на Комисијата да стапат на сила мора прво да поминат на Главниот координативен кризен штаб и да добијат зелено светло на владина седница. 

Во чекалната на Владата веќе 10 дена чека и претходниот предлог на советодавното тело на министерот за здравство а тоа е укинување на маските за средношколците. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons