НА ПОВИДОК ПОСКАПУВАЊЕ НА ЗЕЛЕНЧУКОТ: Граѓаните се плашат од голем ценовен шок 

Станува сè поизвесно дека оваа летна сезона ќе јадеме поскап зеленчук. Од следниот месец нема повеќе гарантирани цени во маркетите. Денеска истекува мерката со која на 10 отсто се намали царинската давачка за кромидот, празот, карфиолот, брокулата, морковот, тиквичките, модриот патлиџан, свежите домати, краставиците и пиперките. Пред да се намали, оваа давачка за наведените производи изнесуваше од 30 до 65 отсто. Граѓаните донекаде се загрижени од најавата дека ќе јадеме поскап зеленчук. 

„Ќе го осетиме тој ценовен шок. Ќе треба да скусуваме, ќе купуваме по една – две пиперки со овие пензии“, рече Ружа Костовска, граѓанка. 

Свесни се дека младите не сакаат да произведуваат храна и да се занимаваат со земјоделство и тоа ќе придонесе на пазарите да имаме повисоки цени. 

„Нема  млади и општо не сакаат да работат во земјоделство. Порано купувавме вреќи пиперки, сме имале лубеници во секое време, а сега нема да можеме“, вели Станка Пешевска, граѓанка. 

Друга жена вели дека на викендица ќе сади зеленчук за свои потреби. 

„Јас ќе работам. Си имам плац. Ќе садам зеленчук поради рекреација на викендица во Шупли Камен. Пиперки, домати, краставици, магданос. Имам и лозје. Ќе си правам зимница. Нема кој да работи, мора да поскапе зеленчукот“, објаснува Милка Апостоловска, граѓанка. 

Во струмичко производството е намалено. Третина од површините стојат необработени. Краставица и домати се засадени на помали површини од лани. Претседателот на Земјоделскиот Синдикат од Струмица, Ристо Велков вели дека е рано да се каже дали цените на зеленчукот ова лето ќе бидат повисоки. 

„Да почекаме да излезе производството, за 15 -20 дена ќе видиме која е цената на зелката. Неизвесно е. Никој не знае по која цена ќе се продаде производот. Има помалку ниви кои се обработени. Нема работна рака. Има многу иселени. Тие што одат на работа, обработуваат само по два – три декари“, вели Велков. 

Претходните години, имаше и високи цени на овошјето поради измрзнување на родот. Според, последните податоци на ССМ, на едно четиричлено семејство му се потребни речиси 1.000 евра за да го истурка месецот. Најмногу пари се трошат за храна и пијалоци. 

Од почетокот на годината имаше земјоделски протести во повеќе  европски држави. Освен во Германија, илјадници земјоделци во изминатите недели излегоа на улиците во Франција, Холандија, Романија, Полска, Италија, Грција поради повеќе проблеми во аграрот. 

faktor.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons