На Германија ѝ фалат десетици илјади келнери и готвачи, угостител: Нудам 11.000 евра плата

11.000 евра месечно би можел да заработи готвач или келнер што ќе се вработи во ресторан во Содерсторф (Долна Саксонија) во Германија. Ова е платата што ја нуди ресторанот од споменатото место. Според Шпигл, ресторанот очајнички се обидува да го пронајде персоналот што му недостига.

Ретко која друга индустрија во Германија толку страдала од пандемијата на коронавирусот како ресторанската и хотелската индустрија, пишува Шпигл. Бизнисот сега расте, гостите се враќаат, но на гастрономијата ѝ недостигаат десетици илјади вработени. Ресторанската индустрија страда од недостиг од работници.

„11.000 евра. Отсега!“ – со овој натпис Филип и Кристин фон Штум се рекламираат во Содерсторф во Долна Саксонија. Тие се сопственици на стара дрвена фарма со ресторан каде што се одржуваат семинари и разни настани. Теоретски, рече Филип фон Штум за германските медиуми, може да организира 50 свадби овде секоја година. Има доволно интерес, но нема доволно работна сила. Поради ова, тој може да прифати да одржува меѓу 10 и 15 свадби годишно, пренесува Феникс магазин.

Примерот на ресторанот од Долна Саксонија не е единствениот. Германската агенција за вработување во јуни објави 33.160 слободни работни места во угостителството.

Чадор-организацијата што ги обединува рестораните Дехога претпоставува дека има недостиг од двојно повеќе квалификувани работници. Во Германија има недостиг од повеќе од 66.000 готвачи, помошници во кујна, келнери и друг услужен персонал. Поради недостиг од персонал, рестораните воведуваат повеќе слободни денови за работниците и ги скратуваат своите менија и/или работното време.

Институтот Ифо неодамна дојде до заклучок дека туристичката индустрија во Германија е во подем. Барем во големите градови како Минхен, Берлин, Хамбург, Штутгарт и Дрезден – продажбата сега е значително подобра отколку во 2019 година.

Во Берлин, на пример, продажбата е за околу 60 проценти повисока отколку пред пандемијата. Во другите градови растот е меѓу 25 и 35 проценти. Но заработката исто така се зголемила во просек низ целата земја, иако добивките во руралните области биле помали.

Но иако индустријата работи добро, премал број вработени сакаат да работат во неа. Напротив, многумина заминуваат и не се гледаат себеси во туристичката индустрија на долг рок.

„Во хотелот на еден колега, целиот кујнски персонал дал отказ за една недела“, вели Себастијан Риснер од синдикатот НГГ во Берлин. Ова се случило во летото 2022 година, но е пример за многу компании, пишуваат германските медиуми.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons