„Наставници ќе дежураат за време на одморите“ – нови мерки за безбедност во училиштата
Безбедноста на училиштата повторно влезе во јавниот фокус, особено по последните случаи на меѓуврсничко насилство, но и случаите каде наставници и професори се фатени во недолично или агресивно однесување кон учениците. Министерката за образование, Весна Јаневска вели дека ќе наложи да се воведат дежурства на наставниците во училиштата, за време на одморите, во ходниците на училиштата, но и во дворовите.
„До безбедни училишта направивме многу за да стигнеме, но треба уште многу да се направи. неколку прирачници, неколку упатства дистрибуирани до самите училишта и до општините. Вчера веќе најавив дека ќе бидат обврзни дежурствата на наставниците како во ходниците, така и во училишниот двор“, рече Јаневска на вчерашен настан во Аеродром.
Министерката вели дека во некои училишта тоа постои, но во огромен број училишта нема таква пракса, наставниците да дежураат по ходниците и во дворовите за време на одморите меѓу часовите.
„Сега, во разговор со градоначалникот (на Аеродром) разбрав дека (општината) плаќа 6.000.000 денари за обезбедување. Во едно минато време наставниците го правеа тоа, и имаше подобро воспитување на децата отколку да ги трошиме парите на некој кој не е вклучен во образовниот процес. Сите што се вклучени во образовниот процес: наставниците, стручната служба, но секако и родителите треба да помогнат во воспитувањето на децата, а добро воспитани деца, всушност обезбедуваат и добри безбедни училишта“, посочи Јаневска.
„Ја зајакнуваме улогата на наставникот на секој можен начин, бидејќи тие се клучот, како во образованието, така и во воспитувањето“, дополни министерката.
Таа апелираше до родителите, за малку повеќе внимание, и прифаќање на сугестите на наставниците.



