НАД МИЛИОН ЕВРА ГЛОБИ ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ ТРЕБА ДА ПЛАТАТ ФИРМИТЕ ЗАТОА ШТО НЕ СЕ РАЗДОЛЖУВААТ НАВРЕМЕ

И покрај Законорт за финансиска дисциплина, многу од компаниите во земјава и натаму „милуваат“ да должат и да не ги плаќаат навреме своите обврски кон деловните партнери.

Во првото полугодие од годинава фирмите од земјава заработиле казни од над еден милион евра или конкретно 62,6 милиони денари поради тоа што ненавремено ги плаќале своите обврски кон добавувачите или другите деловни соработници.

Тоа го покажува извештајот на Државниот пазарен инспекторат за првите шест месеци од 2022 година, кој говори дека за овој период државните пазарни инспектори издале прекршочни платни налози на таа сума, токму по основ на Законот за финансиска дисциплина.

Односно, токму на износ од над еден милион евра се издадени прекршочни платни налози кои се во постапка на порамнување, но тоа не значи дека фирмите должници си ги платиле казните. Или, како што покажуваат бројките на ДПИ, по основ на Законот за финансиска дисциплина се наплатени само седум прекршочни платни налози, на сума од само 52 илјади денари, или нецели илјада евра.

Инаку, токму Државниот пазарен инспекторат од пред четири години го презеде спроведувањето на законот за финансиска дисциплина, откако претходно тоа беше во надлежност на Управата за јавни приходи.

Како што е наведено во самиот Закон за финансиска дисциплина, со него се уредува навременото исполнување на паричните обврски кои произлегуваат од деловните трансакции меѓу економските оператори од приватниот сектор, или меѓу јавниот и приватниот, со цел да се спречи тие обврски да не се исполнат во утврдените рокови согласно со овој закон.

Според пречистениот текст на овој закон, во деловна трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор не може да се договори рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена.

По исклучок, во деловната трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор може да се договори рок подолг од 60 дена, но не подолг од 120 дена, доколку постои изречна писмена согласност од двете страни и под услов тоа да не е значително нефер кон доверителот.

Кога има трансакциија меѓу субјект од јавниот сектор и економски оператор од приватниот сектор не може да се договори рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена во случај кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник. По исклучок, во случај кога Фондот за здравствено осигурување и јавните здравствени установи се јавуваат како должници, не може да се утврди рок за исполнување на паричната обврска подолг од 90 дена. Исто така, по исклучок, во случај кога субјектот од јавниот сектор се јавува како должник, рокот може да биде подолг од 60, односно 90 дена ако се работи за договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка.

Доверителот, согласно овој закон, има право на надоместок за доцнење при исполнувањето на паричната обврска од должникот во износ од 2.400 денари, доколку паричната обврска не е исполнета во роковите утврдени со одредбите од законот, без претходно потсетување и опомена на должникот. Правото на надоместок за доцнењето не го исклучува правото за надоместок на трошоците кои доверителот има право да ги побарува врз основа на договор или други прописи, како и на казнена камата која се пресметува и наплатува согласно со закон, како и трошоците за извршување.  

Притоа, битно е да се напомене дека за тоа колку јавниот сектор плаќа навремено, контролира Финансиската инспекција, додека, пак, конкретно за приватниот сектор надлежен е Државниот пазарен инспекторат.

А, за прекршоците утврдени со овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд, но ДПИ поднесува барање за поведување на прекршочна постапка. 

По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог сторителот е должен да ја плати глобата во рок од осум дена. Сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот ќе плати половина од изречената глоба. Ако сторителот не ја плати глобата овластеното лице поднесува барање за поведување на прекршочна постапка.

Инаку, глобата е 10.000 евра за прекршок на економски оператор од приватниот сектор – трговско друштво, трговец поединец и правно лице кое врши профитна дејност и е регистрирано согласно со закон, доколку не ја исполни паричната обврска во утврдените рокови. А глоба во износ од 30 отсто ќе му се изрече на одговорното лице во трговско друштво.

Додека, пак, за почитување на Законот за трговија ДПИ пишал пријави на многу помала сума, од 205 илјади евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons