Можно е да не се менуваат табличките, туку само да се стават налепници за да нема трошоци 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју на Радио Слободна Европанајавувa дека е можно да се донесе решение во врска со регистарските таблички на возилата кое нема да претставува финансиско оптоварување на граѓаните.За на вашите регистерски таблички наместо ознаката „МК” (Macedonia – Македонија) да стои ознаката „НМК” (North Macedonia – Северна Македонија) ќе треба да платите од 1.400 до 1.500 денари. Но, според најавите на министерот можно е оваа давачка да изостане и да се најде решение само со налепници. 

Тој укажува дека оваа обврска произлегува од Преспанскиот договор, но дека е во тек дебата за начинот како ќе биде спроведена, со оглед на бројните реакции дека обновувањето би ги чинело граѓаните вкупно 11 милиони евра. Спасовски вели дека се размислува и за друг, поевтин начин, односно за ставање налепници врз постоечките таблици.

„Имаме ние формирано веќе работна група во МВР којашто работи токму на овој аспект бидејќи разговаравме и со министерот за транспорт и врски, имаме комуникација преку МТПС со „Макамтранс“ затоа што промената подразбира и промена во документацијата, дозволите и т.н и за мене е најважно што може да се помогне за сите. Знаеме дека обврската е до наредната година да бидат променети табличките како што впрочем е и со документите и ние мислам дека за многу кратко време ќе имаме решение коешто би било поволно за граѓаните. Јас така барем се надевам и очекувам со тоа што од друга страна ќе мора да се стават и норми на строги казни за сите оние коишто нема да го почитуваат тоа како решение. Мора да направиме комбинација којашто ќе биде од интерес на граѓаните меѓутоа и да имаме сериозна одговорност. Така што, налепниците се една од опциите, меѓутоа кога ќе се донесе одлуката и решението ќе ги соопштиме на граѓаните. Секако дека нас ни е најважно да бидат задоволни граѓаните“, вели министерот Спасовски во интервјуто. 

„Сопствениците на возилата треба да поднесат барање за промена на регистарски таблички во овластени станици за технички преглед каде што врз основа на барањето на шалтерот на МВР се поднесува барањето за промена на регистарски таблички и од страна на референтот на МВР се издаваат нова сообраќајна дозвола и нови регистарски таблички на трошок на сопственикот на возилото. Цената на сообраќајната дозвола е 200 денари, а цената на регистарските таблички е од 1.200 до 1.300 денари, во зависност од обликот на регистарската таблица“, информираа во февруари годинава од МВР.

Според Законот за возила, ако некое возило е во сообраќај со поинакви регистарски таблички од пропишаните, предвидена е казна од 100 евра.

Обврската за промена на табличките со новата ознака НМК ја наметна членот 25 од Законот за возила и членот 28 од Правилникот за форма и содржина на образецот за издавање таблички.

Законските измени за промена на ознаката на табличките дојдоа како резултат на Преспанскиот договор што земјава во потпиша со Грција во јуни 2018 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons