МНОГУ ТРУД И МАЛКУ ПАРИ: Нема леб од „белото злато“ 

Јоже Трајков од селото Чешиново  вели дека нема егзистенција од производството на ориз. 

Пред производителите е уште една од тешка, ако не и најтешка година во однос на претходните. Tрајков откако знае за себе, неговото семејство се занимавало со производство на ориз. Од 12  хектари површина добива над 100 тони, односно 60 тони чист ориз. Трајков вели дека засега не знаат по која цена ќе се откупува оризот и арпата, но за да трудот им се исплати, оризот не треба да биде под 70 или 80 денари, а арпата да не падне под 40 денари. 

„Ние  не се плашиме од работа, но се плашиме од високи трошоци за нафта, ѓубрива, пестициди“, рече Трајков. 

Тој вели дека за разлика од Македонија, сите други земји многу повеќе внимание посветуваат на оваа култура, за која смета дека е втора најважна веднаш после пченицата. Објаснува дека другите земји многу повеќе вложуваат во преработувачки капацитети, семиња, погони и слично.

„Сум инвестирал цел живот во механизација, ниви, и идната година ако вака продолжи, за да садам треба да се задолжам, или да продадам една нива. Ние сме семејство од три члена, а син ми сака да ја напушти државата“, рече Трајков. 

За работата вели дека е макотрпна, по цел ден се на сонце, а високото УВ зрачење доведува и до појава на разни болести кај оризот и тоа се одразува на приносот. Порано многу оризопроизводители го разнесувале оризот од град на град и го нуделе на трговците. 

„Борба за живот, да се земе некој денар, но сега со овие цени на  горива нема математика да одам до Скопје, Тетово, Куманово, да го носам оризот. Не можеш во исто време да бидеш и трговец и производител“, објаснува Трајков.

Oд надлежните не добивме информација колку би била цената за оризот и арпата оваа сезона. 

Во Чешиново скоро секој жител сее ориз. Кочанските оризопроизводители пред неколку дена ја блокираа едната коловозна лента на патот Штип-Кочани. Годинава оризот е засеан на 4.500 хектари површина, а се очекуваат околу 22.000 тони оризова арпа.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2020 година во земјава се произведени 19.518 тони ориз, а  лани 18.962 тони. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons