МНОГУ СМЕ ДАЛЕКУ ОД ЕВРОПА: Младите во Македонија тешко се осамостојуваат 

Младите во земјава многу тешко се осамостојуваат и доцна го напуштаат домот на родителите, затоа што или немаат работа, или земаат мали плати, велат граѓаните кои ги анкетиравме. Но, дека состојбата е таква покажуваат и податоците на Евростат, според кои Македонците во домот на родителите живеат до 32 години, додека во европските земји лани просекот бил 26.5 години. 

Граѓаните не се оптимисти дека нешто ќе се смени на подобро. Велат дека младите или заминуваат во странство или доколку се во свое живеалиште, повторно имаат потреба од поддршката од родителите. Според нив, мал е бројот на оние кои се целосно самостојни и независни. 

„На ова време не верувам дека  младите можат тоа да го направат без поддршка на старите. Тешко, многу тешко, и многу време ќе помине додека да ја стигнеме Европа. Не верувам дека младите ќе останат во својот роден крај, затоа што секој бара подобро“, вели Томислав Митревски, граѓанин.

Проблемот го лоцираат во немањето работа и високите трошоци за живот. Ако се земат в предвид платите и цените на недвижниот имот, тогаш за купување на имот во Скопје, треба да се работи 10 до 17 години, за во Дојран 8, за во Крива Паланка 6 години. 

„Кај нас нема услови за такво нешто. Младите бегаат, одат во странство, овде работа нема“, рече Љубинка Максимовиќ, граѓанка. 

Многу млади се принудени да живеат во заедница со родителите или пак во семејство каде има повеќе генерации. 

„Нема како да се осамостои еден човек ако нема работа, ако нема кој да го поддржи, платите се мали. Тоа е многу тешко“, вели Божо Трајковски, граѓанин

Младите кои неколку години поминале во странство и го решиле станбеното прашање, велат дека доколку не се охрабреле да си го побараат чарето надвор  од земјава, сега ќе им било многу потешко.

„Со овие плати месецот не може да го поминат, не пак да се осамостојат, освен ако родителите биле помоќни, па купиле неколку станови, и сега младите да можат да живеат од плата. Со работа во странство може да се купи стан. Јас 6 години работев во странство за да купам еднособен стан“, вели Македонка која работела на брод.

Социологот Лилјана Полевска објаснува дека на Запад системот е таков и нуди можности за младите по завршување на образованието да почнат самостоен живот. 

„На Запад за младите има работа и шанса да заработуваат, а овде нема работа, или ако работат не се пријавени, така што младите зависат од родителите или пензионерите во домот кои мораат да ги издржуваат“, изјави Полевска. 

Во Европа има и држави каде младите на 19 или 21 година почнуваат да живеат самостојно, односно заминуваат од домот на родителите.  Тука се вбројуваат Шведска (19 години), Финска (21,2 години), Данска (21,3 години) и Естонија (22,7 години).

Но, тотална спротивност од нив се Португалија  каде младите до 33,6 години живеат со родителите, Хрватска (33,3 години), Словачка (30,9 години), Грција (30,7 години) и Бугарија (30,3 години).

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons