Мицкоски: Ќе го блокираме Собранието по 10 мај, Ковачевски да не бега од предвремени избори 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во денешното гостување во дневникот на ТВ Сител најави блокада на Собранието во обид да се издејствува одржување на предвремени парламентарни избори. 

„Македонија никогаш не била полоша. И во таква состојба, не треба да се гледаат тесните партиски интереси, туку да се подаде рака. Во услови на криза, треба да генерираме единство. Се чудам како премиерот пред само 100 дена се фалеше дека имал телефонски разговор со мене, за 100 дена подоцна се плаши да излезе на лидерска средба на која ќе разговараме за предвремени избори. Јас не се плашам да излезам на избори, тој бега од предвремени избори“, рече тој.

Според Мицкоски, не држи одбивањето на изборите од страна на власта со образложение дека не е време за избори бидејќи земјава се соочувала со предизвици.

„Многу европски земји одржаа избори. Тоа не е оправдување. За време на ковид-19 пандемијата ги одложувавме изборите, па потоа трчаа да ги организираат“, возврати Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за утре најави Извршен комитет на партијата на кој ќе се разговара за чекорите по 10 мај. Тој најави еден вид на институционална блокада, како активна блокада на македонското Собрание, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати за граѓаните.

„Честопати, кога се движам меѓу граѓаните, наидувам на прашањето „што правите, зошто молчите“. Но, не е така. Некој активно се труди да ја наметне тезата дека сите се исти, ние активно се бориме да ја демантираме таа теза“, истакна Мицкоски.

За чекорите што партијата што ќе ги преземе во наредниот период, тој побара поддршка од општеството.

„Јас побарав општествена поддршка – и партиска и непартиска. Она што го слушаме од граѓаните се промени и имам впечаток дека таа поддршка расте експоненцијално од ден во ден“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons